Рускиот претседател Владимир Путин не би требало да очекува многу Украинци да ја прифатат неговата понуда за добивање на руски пасош, изјави новоизбраниот претседател Володимир Зеленски, истовремено нудејќи украинско државјанство на Русите.
Изјавата на Зеленски уследи откако Путин претходно наведе дека ја разгледува можноста за воведување на полесна процедура за добивање на руско државјанство за сите граѓани на Украина.
– Тоа по што Украина посебно се разликува е фактот дека ние Украинците имаме слобода на говор во нашата земја, слободни медиуми и интернет. Ние ќе им дадеме украинско државјанство на припадниците на сите народи кои страдаат поради авторитативни и корумпирани режими, а на прво место на Русите, кои денес најверојатно најмногу страдаат – напиша Зеленски на Фејсбук.
Путин веќе потпиша декрет за забрзување на процедурата за добивање на руско државјанство за Украинците во самопрогласените републики Доњецк и Луганск. Процедурата досега траеше најмалку три месеци.
Рускиот претседател истакна дека е неприфатливо жителите во Доњецк и Луганск да немаат права, додавајќи оти не сака да му создава проблеми на новото украинско раководство.
ФОТО: EPA / TATYANA ZENKOVICH