Предвремени парламентарни избори доколку на 5 мај не биде постигнат уставниот цензус за вториот круг од претседателските избори или пак, доколку изгуби кандидатот на власта, најави премиерот Зоран Заев.
Според него, шансите за тоа се мали бидејќи верува во успешни претседателски избори со победа на Стево Пендаровски.
– Прво верувам дека ќе успеат изборите, тоа e државна одговорност за мене, се надевам и на опозицијата, се надевам и на сите граѓани. Изборите треба да бидат, и мора да бидат успешни за да продолжиме напред. Нашата земја е на вистински пат, и по тој пат чекориме, тоа го чувствуваме веќе дома, за тоа зборува целиот свет, и тоа е патот од којшто враќање назад нема. Како претседател на најголемата политичка партија во државата, застанавме зад независен кандидат, за кој веруваме дека ќе биде идниот претседател на Република Северна Македонија, јас верувам во тоа, но секако тоа е само моја желба, посветеност и мои очекувања за иднината на државата. Но, одлуката ја носат граѓаните. Секако, ако граѓаните одлучат поинаку, јас веќе реков и јавно ќе повторам, ќе проектираме датум за предвремени парламентарни избори – рече Заев.