Илјадници верници со молитва и песна денеска во старата Црква на Воскресението во Ерусалим, го дочекаа спуштањето на Благодатниот оган. Грчкиот патријарх Теофилос Трети од Ерусалим ја предводеше процесијата монаси и свештеници со црвени и златни знамиња и икони во рацете. Откако заврте три круга во храмот, заедно со ерменскиот патријарх влезе во олтарот и излезе со запалено кандило.
Христијаните веруваат дека божествениот оган слегува од небото и го пали кандилото со маслиново масло што го држи Патријархот. Тој потоа пали 33 свеќи, по една за секоја година од животот на Исус. Од овие свеќи Патријархот им го дели светиот дар на верниците кои со часови ја чекаат церемонијата во црквата.
Благодатниот оган вечерва од Ерусалим преку Софија треба да пристигне и во земјава.
Епископот Јаков Стобиски ќе го донесе вечерва Благодатниот оган во Македонија.