Кандидатот за претседател Стево Пендаровски осврнувајќи се денеска на случувањата од 27 април пред две години рече дека тоа била најгрдата епизода воопшто во историјата на модерна Северна Македонија
– Партијата која тоа тогаш го организираше ВМРО ДПМНЕ, и нејзиниот кандидат односно кандидатка Сиљановска ниту тогаш, ниту во изминативе две години во било кој повод не кажа ниту еден збор осуда за тој чин кој ја посрамоти Македонија и ја нареди во кругот на земји кадешто такви случаи се практикуваат во недостаток на базичен мир и безбедност за граѓаните – рече Пендаровски.
Според него, оние кои тоа го направија сега ја бараат довербата на граѓаните со истата платформа.
– Сите тие флоскули за право и правдина, би вределе, би имале тежина, само во случај ако г-ѓата Сиљановска и партијата која ја поддржува го осудат овој чин и конечно кажат дека од таквите луѓе кои тоа го организираа, сите ние треба да се срамиме.Ова е многу побитно од тоа кој ќе добие на изборите, ова е многу побитно и од пратенички мандати и од советнички мандати, ова е многу побитно од бројот на гласови што ќе го добиеме, ова е побитно дури и од тоа дали ќе добиеме датум за преговори во Јули.Едноставно како луѓе, мораме да се погледнеме во очи, да си кажеме дека тоа не беше во ред дека тоа не беше деморкатски, и дека такви практики никогаш повеќе во оваа држава нема да се повторуваат, сосема небитно кој е власт а кој опозиција – рече Пендаровски.