Македонскиот епископ Јаков во врска со тоа дали може да се очекува наскоро посета на бугарскиот патријарх Неофит на Република Северна Македонија, рекол „Патријархот и Светиот синод на Бугарската православна црква би требало да знаат, а нам секако би ни било драго и би бил огромен благослов за нашата Црква и нашиот народ“.
– Тоа што се случува во последните години е сведоштво за една нелицемерна и братска љубов и сведоштво дека Христос навистина Воскресна и дека сме едно во Христа – изјавил епископот Јаков за бугарската агенција БГНЕС пред заминувањето од Софија со бугарската владина делегација за Светата земја од каде треба да биде земен Благодатниот оган.
Тој од името на Македонската православна црква-Охридска архиепископија и се заблагодарил на Бугарската православна црква за таа братска и нелицемерна љубов, што е особено важна овие денови.
Епископот Јаков од аеродромот во Софија ги поздрави двата народа со зборовите Христос Воскресна.
Старозагорскиот митрополит Кипријан порача „да има пасхална радост и воскреснатиот Господ Исус Христос да не штити, помага, да ни дава сила, за да можеме да бидеме во единствено братско православие сега и засекогаш!“
Претставник на МПЦ-ОА првпат лета со бугарската владина делегација до Ерусалим. Годинава, по петнаесетти пат, Благодатниот оган ќе биде донесен од старозагорскиот владика Кипријан, кој е и шеф на Комисијата за решавање на статусот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија.
Одлуката македонски епископ да се приклучи на бугарската делегација била донесена на 3 април за време на средбата на митрополитот Кипријан со бугарскиот премиер Бојко Борисов.
Секоја година во храмот „Воскресение Христово“ во Ерусалим се собираат илјадиници верници во очекување на Небесниот оган што се спушта од небото над гробот на Исус Христос. За православните христијани, спуштањето на Блажениот оган во гробот на Христос е натприроден начин и чудо. Овој оган во првите минути по палењето има уникатни својства да не зрачи топлина и да не согорува.
Благословениот оган ќе биде донесен во пет огноотпорни фенери. Четири од нив ќе бидат предадени на главниот секретар на Светиот синод на БПЦ, а петтиот со авион ќе биде однесен во Скопје. Нашите православни браќа од Македонија ќе го примат огнот вторпат со помош на Бугарската Православна Црква, јави БГНЕС.