Димитриевски за „крвавиот четврток“: Човекот простува, но нема право да простува во името на законот

Во таа голгота што траеше неполни три часа се покажаа храбри дури и на моменти свесни да се саможртвуваат за одредени идеали, вели,Димитриевски.

590
ФОТО: EPA/MAJA ZLATEVSKA

Настанот на 27 април ја одбележа 2017 година, вели кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, оценувајќи го како немил настан што лично му предизвикува негативни чувства. Жали за тој настан во кој, додаде, биле нападнати неговите колеги, новинарите, луѓето кои биле таму, кои биле нападнати на работното место.

– Потенцијални жртви, го делиме истото чувство дека во тој момент системот не функционираше. Свесно креирана состојба од страна на поединци, актерите веќе се познати, режисерите се изведени пред лицето на правдата, но, за жал, сценаристите не се повеќе тука во државата – вели Димитриевски.

Постапката е во тек и тој потенцира не сака да ја коментира, најавувајќи дека на едно од наредните рочишта треба да даде исказ.

– Сметам дека одговорноста на тие кои го осмислија и менаџираа самиот настан е многу поголема отколку одговорноста на оние кои беа внатре и се обида физички да нѐ повредат и дефинитивно успеаја во тоа – се присетува кумановскиот градоначалник, кој тогаш беше пратеник во Собранието.

Од политички аспект, вели тој, времето ќе покаже кој всушност бил во право, но истакнува дека и тогаш и денес е убеден дека гласал за вистинска одлука.

– Да покажеме и суштински дека Македонија е и граѓанска држава и дава еднакви можности за сите, а со самиот гест на гласањето урнавме диктаторски режим што се бореше од петни жили да опстане на власт- вели Димитривески.

Денеска, според кумановскиот градоначалник, сѐ е различно, во минатото, додава, било забрането да се зборува, а камоли да се критикува власта. Тој нагласува дека целта за која се бореле, нема правда нема мир, да се врати слободата на говорот, да се мисли самостојно, денеска, потенцира, ја има.

– Од личен аспект, дали повторно би поминал низ истото сценарио, филм, што сум сигурен дека добро беше режиран од страна тие што побегнаа од државата, ќе кажам – да, бидејќи сакам Македонија и нејзините граѓани да напредуваат. Апсолутно сум подготвен да ги прифатам и грешките, но одговорност мора да има, првенствено одговорност за сценаристите – вели Димитриевски.

Тој нагласува дека има два безбедносни феномени во последните пет години.

– Едниот е Диво Насеље и вториот е „27 април“ и до ден денешен сѐ уште ги нема сценаристите изведени пред лицето на правдата. Системот е порозен, со самиот процес на бегството на Никола Грувески од државата и неподнесување минимум индивидуална или каква било колективна одговорност по хоризонатала и вертикала во безбедносниот и правниот систем, само се остава простор, ваквите појави дополнитено да се повторуваат – вели Димитриевски.

Тој вели дека го разбира незадоволството на граѓаните и во тие луѓе кои го нападнале не гледа лични непријатели, од аспект што го направиле кон него, вели дека има право како човек да прости и дека простува, но вели нема право да простува во името на законот. Правосудните органи, нагласува Димитриевски, треба да се произнесат докрај. Лично, вели, ретко размислува за настанот и додава дека и тогаш и сега е горд како човек, кој стоел рамо до рамо со група храбри луѓе.

– Во таа голгота што траеше неполни три часа се покажаа храбри дури и на моменти свесни да се саможртвуваат за одредени идеали. Она што се случува отпосле и грешките што се прават од страна на сите нас како носители на одговорности се составен дел на секојдневната работа и механизамот на корекцијата, а тоа е народот, мора да функционира. Во секој момент ја прифаќам одлуката на граѓаните и пораките што тие во секој разговор и на секое изјаснување ги испраќаат до нас, бидејќи ние тоа го правевме за добро на сите, а првенствено за сите граѓани – рече Димитриевски.

Тој вели дека се обиделе да ги класифицираат во група предавници, но дека никогаш не се чувствувал така и дека такво нешто нема во генезата на неговото семејство.

– Повлековме храбри и ден-денес перспективни чекори со единствена цел Македонија да тргне напред. Сето останато го оставам на времето и историјата – заклучува Димитриевски.

 

ФОТО: EPA/MAJA ZLATEVSKA

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...