Села за 360 степени: Алијансата до четврток ќе реши дали ќе даде поддршка за некој од кандидатите

Нашиот принцип е дека сѐ уште не е дојдено време албанските гласови да одат за македонските политички партии – изјави Села.

2434

Граѓаните се слободни сами да одлучуваат за кого ќе гласаат во вториот круг, вели Зијадин Села, претседателот на Алијанса на Албанците, во интервју за емисијата 360 степени.

Алијансата на Села застана зад кандидатурата на професорот Блерим Река, кој доби над 70.000 гласови во првиот круг, а кои, можеби, ќе бидат решавачки во вториот круг во кој се Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова.

Во врска со пораките што сега Силјановска ги упатува кон гласачите на Река, Села вели – тоа е нејзино мислење.

– Се чини дека политичарите не ја сфатиле пораката, не треба да се обраќаат на партиите, туку на граѓаните. Ние не паѓаме под влијание на убавите зборови кои некој ги кажува за нас – додава Села.

Тој не беше прецизен дали ќе излезе да гласа на 5. мај .

– Граѓаните треба да одлучат дали ќе гласаат и за кого. Ние имавме само еден кандидат. Конечниот став ќе го имаме по седницата на централното претседателство следната недела. Јас лично, како претседател на Алијансата, пораките што ги имав за пренесување, а бев многу јасен, ги дадов во кампањата, која заврши в недела на 21. април, по дознавање на резултатите. Кој ќе биде ставот на Алијансата, ќе се знае по седницата на претседателството на партијата. Но нашиот принцип е дека сѐ уште не е дојдено време албанските гласови да одат за македонските политички партии – изјави Села.

Седницата на претседателството на Алијансата ќе се одржи в среда или в четврток.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...