Македонците во Малта се сретнаа со премиерот Мускат

382
FOTO MIA

Претставници на македонската заедница во Малта предводени од нивниот претседател Максимилијан Казаков, остварија средба со премиерот на Малта, Џозеф Мускат, на која присуствуваше и министерката за европски прашања и еднаквост, Хелена Дали.

Како што информираат од македонската заедница, на средбата се разговараше за проблемите на македонските граѓани, за влез во државата, за аплицирање за работна дозвола, за потребата за конечно решавање на проблемот со високите цени за сместување и манипулациите со кои се соочуваат македонските граѓани од страна на некои сопственици на станови, како и за можноста за интензивирање на соработката помеѓу нашата држава и Малта на економски, но и на културен план.

– Премиерот на Малта ни укажа дека поради зголемениот интерес на странски државјани кои доаѓаат да работат во Малта од суштинско значење е системот за проверка за влез и излез да биде согласно европските регулативи со цел избегнување на нелегална миграција. Во наредниот период работните тела од наша страна заедно со миграционата полиција ќе остварат состанок. Скорешните реформи што ќе ги спроведе Владата ќе го подобрат квалитетот на услугите при добивање на работни дозволи, таа веќе работи на изнаоѓање на начин за контрола на високите цени за сместување на што ни укажа министерката на оваа средба. Ова за нас како заедница е исклучително важно за да го подобриме статусот на Македонците во Малта, стои во соопштението на македонската заедница во Малта.

Македонската заедница во Малта ќе биде дел од повеќе владини комисии и тела кои работат на подобрување и интегрирање на странските заедници кои живеат и работат во оваа островска држава.

Премиерот Мускат и министерката Дали им посочија на младите Македонци да останат во Малта и да ја одржуваат репутацијата што ја уживаат како македонска заедница.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...