Сестрата и бабата на генералниот секретар на СДСМ и пратеник, Александар Кирацовски, ќе се повлечат од работните места, соопшти функционерот.
Тој вели дека неговото лично мислење за одлуките на Антикорупциската комисија ќе го задржи за себе.
„Таткото на мојата сопруга, Борис Поповски, веднаш го повлече својот ангажман како алатничар, преку Агнеција за времени вработувања. Во оваа насока сакам да ја известам јавноста дека побарав повлекувањe на моите роднини од работните места за кои ДКСК наоѓа некакви индиции, иако немам право на тоа, затоа што никако не сум влијаел за нивните вработувања. Од работното место, кое нема никаква поврзаност со непотизам, се повлекуваат и мојата сестра, Мирјана Јосифовска и мајката на мојата сопруга. По нивна волја, како нивна лична одлука“, наведува Кирацовски.
Покрај за роднините на овој пратеник, Антикорупциска вчера имаше сомнежи и за вработувањето на синот на пратеничката Мира Стојчевска во ЕЛЕМ.
Плусинфо, во текот на денешниот ден се обиде да добие коментар од пратеничката, пред сѐ, по барањето на Зоран Заев роднините да се повлечат, но таа не одговори ниту на нашите телефонски повици, ниту на СМС пораката.
Нејзиниот син, според вчерашната седница на Антикорупциска, бил вработен со дискреционо право на директорот на ЕЛЕМ и тоа работно место не постоело во систематизацијата. Комисијата го разгледуваше и вработувањето на нејзиниот брат во истата фирма и унапредувањето на нејзиниот сопруг во Шумската полиција во Делчево, но за нив не утврди неправилности или сомнежи.
Антикорупционерите вчера како едно од вработувањата со сомнежи, а поврзани со функционери на СДСМ, го разгледуваше и вработувањето на мајката на пратеникот, Костадин Костадинов, во Централниот регистар во Струмица.
Таа, како што е познато, се повлече од работното место веднаш штом случајот излезе во јавност.
– За мене е најважно што за мене не се утврди дека има неправилности за да се покрене прекршочна пријава. И покрај тоа, уште пред Антикорупциска да го разгледува случајот, јас разговарав со мојата мајка и од морални причини таа се повлече од работното место веднаш – вели Костадинов, кој е и портпарол на СДСМ.
Тој вели дека ја охрабрува Антикорупциска да прави притисок кон сите фукнционери и сите кај кои ќе се утврдат неправилности или сомнежи да се повлечат од работните места. Но, исто така, Костадинов очекува оваа комисија да отвори случаи и за вработувањата на фукнционерите од ВМРО-ДПМНЕ, партијата која, како што вели, стана симбол за партиски вработувања и непотизам.
Повеќе на оваа тема:
- Антикорупционерите го чекаат за порамнување казни, Иванов ги прозва дека го разочарале
- Бектеши: Ќе платам казна, не знаев дека сестра ми не ја сменила адресата