Инцидентот со упадот во Исламската верска заедница претставува срамен чин кој ја загрозува секуларноста на земјата и уставно загарантираната автономија на верските заедници во Република Северна Македонија, и очекувам од Владата но и од останатите институции да преземат активности со кои ќе ја заштитат независноста на ИВЗ, истакнал вицепремиерот Бујар Османи на средба со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која.
– Ваквите инциденти со сигурност негативно ќе влијаат на стабилните меѓуетнички односи, кои претставуваат плод на долгогодишен труд и внимателно однесување. Во моментов меѓуетничките односи се стабилни и цврсти, и на тоа сме особено горди, но тоа не е нешто што треба да се зема здраво за готово, туку напротив, мораме активно да работиме на нивното одржување – рече Османи.
Османи и Која разговарале за можностите од остварување на проектот за статистичка и квалитативна анализа на судските одлуки, со кои би се утврдила објективноста на пресудите соодветно на етничката припадност на обвинетите, како мериторен начин за одредување на објективноста и неселективноста во работата на судовите.
Проектот предвидува стручна статистичка анализа, каде предмет на обработка би биле исти и слични случаи на обвиненија, при што би се анализирале висините на пресудите и нивната статистичка корелација соодветно на етничката припадност на обвинетите. Овие проекти имаат исклучителна успешност во утврдување на евентуалните наклонетости и субјективизам на судската фела во современите општества, како основа за адресирање на овие прашања објективно и без предрасуди.
Османи и Која изразиле задоволство од начинот на кој бил организиран и спроведен првиот круг на изборите, и изразиле очекување дека овој успех ќе се повтори и во вториот круг, со што изборите во целост ќе ја рефлектираат демократската и политичка зрелост на државата.