Макроекономските показатели укажуваат на тоа дека економијата оди напред. Во услови кога на глобално ниво се води битка со царински тарифи, нашата економија забележува раст на индустријата и извозот, вели министерот за финансии Драган Тевдовски во интервју за МИА.
– Индустриското производство порасна за околу 10 отсто во првите два месеца од годината, односно според последните податоци на Државниот завод за статистика. Исто така, извозот има стапка на раст од 6,8 отсто во првите два месеца. Просечната плата забележа раст од 4,5 отсто во февруари. Кредитирањето на претпријатијата и воедно движењата во бизнис-секторот се подобри од кога било во последните пет години. Странските инвестиции изминатата година беа највисоки од независноста досега. Сето ова укажува дека македонската економија е закрепната и дека може да остварува добри стапки на раст – вели Тевдовски.
Потврда за тоа дека македонската економија е во добра кондиција е добиена и од меѓународните финансиски институции. На пример, ММФ ја зголеми проекцијата за раст на македонската економија од 2,8 отсто на три отсто за годинава. Ова се случува во исто време кога ММФ ја намали проекцијата за глобален раст, вели Тевдовски.
Министерот за финансии посочува дека економијата закрепна по стагнацијата од 2017 година и дека овој раст е предводен од приватниот сектор.
– Секако дека Владата го користи овој позитивен момент за реформи и политики што ќе го поттикнат економскиот раст. Минатата година беше година на крупни реформи во јавните финансии. Имавме амбициозна агенда, спроведовме 10 крупни реформи меѓу кои и даночна, пензиска и социјална реформа. Дел од резултатите веќе се видливи во поглед на реализацијата на буџетските приходи. Годинава ќе продолжиме со реформите предвидени со Програмата за управување со реформи во јавните финансии – вели Тевдовски.
Министерот истакнува дека преку Рамката за партнерство со Светска банка ќе се поддржи стопанството, односно ќе се спроведат проекти за подобрување на климата за конкурентно и извозно ориентирано стопанство.
– Има повеќе проекти што се однесуваат на подобрување на инфраструктурата што значи подобро поврзување и помали трошоци за компаниите. Таков е Проектот за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан. Светска банка веќе пресмета дека трошоците за увозниците и извозниците во земјава би се намалиле за околу 10 отсто – вели Тевдовски.
Тој додава дека во Рамката се наоѓа и проект за поврзување на домашните добавувачи со странските инвеститори во земјава, кој бил договорен со Меѓународната финансиска корпорација (IFC) за време на Пролетните средби ММФ и Светска банка во Вашингтон. Целта на проектот е преку вмрежување на домашните и странски компании да се обезбеди работа за домашните претпријатија, да се обезбеди пристап до пазари до кои претходно немале пристап и да се пренесе know-how.