Грчката Комисија за заштита на конкуренција по службена должност започна истрага во врска со натписите во медиумите поврзани со зголемувањето на цената на гирото, со цел да провери дали има прекршување на Законот за заштита на слободната трговија, јави дописничката на МИА од Атина.
– По натписите во печатените и електронските медиуми во последните денови, според кои, постои веројатност за зголемување на цената на гирото од 1 мај 2019 година, соопштуваме дека Комисијата за заштита на конкуренцијата поведе, по службена должност, контрола во чии рамки се испитува дали она што е наведено во медиумите претставува прекршување на одредбите од Законот 3959/2011 за заштита на слободната конкуренција – соопшти Комисијата.
Во соопштението се објаснува дека според конкретниот грчки закон, се забрануваат секаков вид договори што ја спречуваат, ограничуваат или нарушуваат конкуренцијата на грчкиот пазар или директно или индиректно ги одредуваат куповните или продажните цени. За прекршувањата, според законот, се предвидени санкции.
Веста за зголемувањето на цената на гирото поради поскапувањето на месото за 30 проценти, пред една седмица ја објави грчката телевизија „Скај“, а со изјави излезе и претседателот на Комората на трговци од Атина, кој повика на дијалог со цел цените да останат исти. Дописничката на МИА од Атина разговараше со сопственици на таверни што служат гиро, кои ја потврдија информацијата.
Два дена подоцна, со објаснување излезе и Министерство за економија на Грција, кое соопшти дека „не може да се извлечат сигурни заклучоци за тоа дали трендот на пораст на меѓународните цени на свинското месо е пренесен на потрошувачките цени, но малопродажните цени не покажуваат висок степен на корелација“.