Овие денови во Њујорк под будно око се следи судењето на германската државјанка Ана Сорокин, обвинета за измама.
Дваесет и осумгодишната девојка се претставувала како богата наследничка за да може да се луксузира. Наводно, на овој начин, хотели и ресторани оставила покусо за стотици илјади долари, а измамила и многу пријатели и познајници.
Речиси две години е во затвор, а судењето започна при крајот на март. Оваа недела обвинителот и бранителот дале завршен збор.
Ана Сорокин, родена во Русија, во Германија завршила гимназија, од 2013 година се претставувала како Ана Делви и така земала пари од банки, хотели, компании, пријатели.
Обвинета е за 10 кривични дела и можно е да добие затворска казна до 15 години.
На пример, бидејќи се дружела со извршниот директор на „Блејд“, компанија која на богаташите им нуди луксузни летови, на Ана и било дозволено да букира лет од 35.000 долари, а да не мора да плати однапред. Имале доверба во неа, па сметале дека нема потреба од тоа. Меѓутоа, кога поминало месец дена, а таа сѐ уште не платила, проблемите започнале.
Бранителот Тод Сподек ја раскажал приказната за девојка која имала огромни сништа. Сите да плаќаат за неа, мислела дека тоа е нормално. Приказната за богата наследничка требало да ѝ отвори една врата во друг свет.
– Тоа можеби ви делува неморално, но не е злосторство – рекол адвокатот.
Ана сонувала да отвори луксузен клуб за богати лица. Соработувала со познати лица како Габриел Калатрава, син на познат архитект. Сите сакале да работат за неа и свесно ги игнорирале предупредувањата, истакнал Сподек.
– Ако се било толку голема измама, зошто порано не ја уапсиле? Живеела свој живот, можеби не морален, но не и криминален начин – додал тој.
Обвинителката Кетрин Меко, која повикала десетина сведоци, зборувала за ладнокрвна измама и кражба.
– Украла 100.000 долари од Националната банка „Сити“, половина од таа сума ги ставила в џеб. Немала пари и со тоа немала намера да плаќа никому. Ништо друго освен лаги, лаги, лаги, како и жртви кои се нижеле една за друга – рекла Меко додавајќи дека обвинетата фалсификувала непостоечки банкарски сметки, па дури и пасош.
Ова не е тоа што најмногу ги изненадило луѓето за време на судењето. За до крај да ја доигра својата претстава, Ана ангажирала позната стилистка и во судница доаѓала со одлични комбинации на себе, воглавно креации на познати лица.
Кога еднаш задоцнила на судењето два часа, судијката ѝ кажала „Ова е судење, а не модна ревија“.
Нејзините родители, кои живеат во Германија, изјавиле оти не знаеле ништо за тоа што таа правела.
ФОТО: Инстаграм