Во напливот на реакции и контрареакции по повод случувањата во ИВЗ, можеби е ред некој да постави и неколку логични, здраворазумски прашања, вон безобразлукот за примитивна злоупотреба на настаните во ИВЗ во политички, предизборни цели.
На пример, нејасно е што се сака да се каже со цитирањето на член 19 од Уставот на РСМ каде, меѓу другото, стои дека „Македонската православна црква, другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред законот“? Дали нивната одвоеност од државата значи дека се тие над законите на државата?
Ако државата уредила дека постои Единствен судски регистар на цркви, верски заедници и религиозни групи, во кој постои постапка за запишување на верските челници на овие религиозни институции, зошто е спорно доколку надлежниот суд законски ја спроведува таа постапка? Од ИВЗ, впрочем, не го оспоруваат правото на Судот да решава за ова, туку – колку што можеше да се разбере во целата колоритна врева – велат дека решението е донесено како резултат на „политички притисок“, врз основа на фалсификувани записници и потписи во спроведувањето на судската процедура. Тоа е сериозно обвинување за легалноста на целата судска постапка, што мора доследно да се провери. Но, нема врска со членот 19 од Уставот на РСМ.
До тука завршува правото. Од тука почнува политиката.
Зошто баш сега, среде изборна кампања, Судот решил да впишува нов Реис ул Улема на ИВЗ?
Наједноставниот одговор е дека, во правна држава, Судот нема обврска да води сметка за политичкиот момент во кој донесува одлуки за тековни постапки во рамките на своите надлежности. Не е Судот политичка партија или пропаганден интернет портал, па да го консултира изборниот роковник за да си ја врши работата.
Така е во правна држава.
Македонија, знаеме, главно е неправна држава, па затоа и може политичките пропоненти на „сваровски судството“ веродостојно да го имплицираат принципот на „превара“ и во оваа судска постапка. Тоа го изнудува прашањето кому политички му одговара временскиот опортунитет токму сега „неправното“ судство, преку религијата, да се меша во изборниот процес? Ова бара политичка, а не правна анализа.
Имајќи го предвид „ликот и делото“ на сегашниот Реис ул Улема во ИВЗ, за кого обвинувањата за терање политикантство се свежа вест како ланскиот снег, можно е власта да се посомневала за негова вмешаност во одвраќање на верниците да учествуваат во изборниот процес, со што го крши токму членот 19 од Уставот на РСМ за одвоеноста на религијата од државата. Таа уставна одредба е двонасочна: колку што важи за државата, толку важи и за религиозните заедници. Затоа, можно е „некој“ во власта да помислил дека е дојдено време „правно“ да се дисциплинира Реис ул Улемата токму пред вториот круг на гласање, за да се заштити политичкиот процес во државата од политикантското, но и незаконско мешање на религијата во него.
Второто објаснување може да е спротивното од првото: некоја структура вон интересите на оваа власт да помислила дека е баш згодно време да се направи политички скандал во ИВЗ за да се изиритираат муслиманските верници во државата и да се поттикнат да не излезат на гласање во вториот круг на претседателските избори, со што не само што ќе се доведе во прашање изборниот резултат кај спротивставените страни, туку може и да го „сруши“ цензусот за успешноста на целиот изборен процес, со туркање на државата во нова политичка криза со непредвидливи последици.
И двете објаснувања се прилично конспиративни. Но, не се невозможни, ниту од политичкиот, а ни од „инфраструктурниот“ аспект за нивно спроведување. Тие се темелат врз премисата дека во Македонија правната држава е со „сваровски“ квалитет, а контроверзниот Реис ул Улема е идеална цел за ваков потфат. Останатото е прашање на пропаганда.
Не е неважно да се дознае кое од можните сценарија за ваква, евентуална, изборна манипулација е на дело. Но, тешко е веројатно тоа да се открие до вториот круг на гласањето.
Затоа, останува на поклониците на ИВЗ, кои се и учесници во изборниот процес, самите да одлучат дали овие случувања во нивната верска заедница ќе им влијаат врз одлуката дали и како ќе гласаат во претседателската трка.
А сигналите за тоа кој стои зад оваа можна валкана игра – или кој се обидува од неа политички најмногу да се офајди – најлесно се откриваат со примена на еден едноставен метод: проценете кој со своите постапки и изјави долева масло, а кој се обидува да го изгаси „огнот“.
Вклучете мозок, чист здрав разум.
Извор: Цивил медиа