И двајца Косовци вмешани во „грабежот на векот“ на тиранскиот аеродром

864
ФОТО: EPA / VALDRIN XHEMAJ

Во „грабежот на векот“ што се случи на 9 април на аеродромот во Тирана, кога беа украдени повеќе милиони евра, биле вклучени и двајца Косовци.

Ова за надлежните го потврдил Алконд Бенгас (34), еден од членовите на криминалната група, кој се согласи да соработува со обвинителството.

Бенгас беше уапсен вчера на аеродром при обид да ја напушти земјата и да замине за Бугарија.

Според неговата изјава, на заедничкиот ручек со Адмир Муратај и неговите братучеди, Клемент Чала, по кого полицијата се уште трага, и Елди Чала, од Елбасан, биле и Косовците кои ги знаел под псевдоним „Тани“ и „Даја“ (вујко).

Врз основа на неговото сведочење албанската полиција почна соработка со косовските власти за идентификација и апсење на овие две лица.

Тој исто така потврдил дека групата ја сочинувале девет лица, меѓу нив и една жена, Е.Бици (31), која го запали возилото со кој побегнаа ограбувачите и ја насочи полицијата во друг правец.

Инаку, претходно беа уапсени четири лица по што беше утврдено дека групата разбојници често патувале на релација Тирана-Приштина и се враќале во нивното седиште во Елбасан, како и во она во населбата Фреску во Тирана.

Адмир Муратај од Елбасан, кој се смета за „мозок“ на групата беше убиен кусо по грабежот во престрелка со полицијата, кога останатите четворица кои директно учествуваа во грабежот успеаја да и избегаат на полицијата.

Петтмината разбојници при грабежот биле вооружени и маскирани во војнички униформи. Крадците најпрво ја исекле жичената ограда по што со голема брзина со возило на кое пишувало „даночна управа“ влегле на аеродромската писта до авионот полн со патници. Тројца од нив влегле во авионот, кој требало да полета за Виена и под закана ги земале торбите со пари од просторот за багаж и побегнале.

По инцидентот компанијата „Аустриан“ соопшти дека повеќе нема да врши трнспорт на пари од Албанија.

Засега нема трага од украдените пари, кои според медиумите се од пет до 10 милиони евра и припаѓаат на три банки во Тирана.

ФОТО: EPA / VALDRIN XHEMAJ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...