Основен суд 2: Одлуката за новиот поглавар Бузаку сѐ уште не е правосилна

219

Одлуката за промена на вршител на функцијата Реис ул улема во Исламската верска заедница (ИВЗ) не е правосилна и за неа течат рокови за жалба од 15 дена, соопшти денеска Основниот суд Скопје 2.

Оттаму објаснуваат дека врз основа на поднесена неотповиклива оставка на Реисот ул улема на ИВЗ, Сулејман еф Реџепи, примена на 25.03.2019 година, Ријасетот на ИВЗ на 30.03.2019 година, одржал вонредна седница на која е прифатена неговата оставка и на истата седница за Реис ул улема е избран Скендер Бузаку.

Врз основа на донесените одлуки на Ријасетот на ИВЗ на 03.04.2019 година, до Основниот суд Скопје 2 Скопје поднесено е барање за промена на лице за застапување на ИВЗ. Постапувајќи по поднесеното барање Основниот суд Скопје 2, на 17.04.2019 година, донел решение со кое барањето на ИВЗ за промена на вршење на функцијата Реис ул улема е уважено и врз основа на поднесените документи извршена е промена на функција Реис ул улема, па како Реис ул улема е запишан Скендер Бузаку. Но, наведената одлука за промена на вршител на функцијата Реис ул улема не е правосилна, односно за истата течат рокови за жалба од 15 дена.

Од Судот нагласуваат дека не вршат промена, туку спроведуваат и потврдуваат одлуки на верската заедница што се донесени на вонредна седница на Ријасетот, а врз основа на член 36 и член 68 од Уставот на Исламската верска заедница.

По однос на прашањето на дел од медиумите дали неотповикливата оставка на Реис ул улема Сулејман Реџепи е фалсификат или не, од Судот известуваат дека тоа може да биде предмет на друга постапка.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...