Реисот Реџепи си го надогради старото досие за говор на омраза

749

Реисот Сулејман Реџепи со вчерашната скандалозна изјава за судијката која донела решение дека Исламската верска заедница (ИВЗ) има нов поглавар, си го надогради досието кај надлежните институции кои ќе испитуваат дали има и дали ќе бараат тој да одговара за говор на омраза.

Случајот со вчера кажаното, кога тој рече „Слушнав дека имала проблеми со здравјето. Не ја жалам, таквите нека починат“, обвинителството ќе го спои со предметот за кој веќе има кривична пријава против него од Хелсиншкиот комитет.

– Во врска со вчерашната изјава, ве информираме дека таа ќе се разгледува во рамки на предметот кој веќе постои – велат од обвинителството за Плусинфо.

Предметот кој е веќе формиран се однесува на изјава на Реџепи од пред десетина дена кога тој на поставувањето на камен темелник на џамијата во скопското село Арнакија изрече навреди за македонскиот народ.

– Нам не ни пречи да градат цркви, но никогаш нема да молчиме кога нѐ попречуваат во градењето на џамиите. Замислете вие со каков див народ живееме. Овие се беспримерен див народ, затоа немаат идентитет и нема да имаат никогаш, без разлика дека ние сакаме да им помогнеме. Не се помага, бездушниот, не се освестува – изјави првиот човек на ИВЗ.

Тој подоцна се правдаше дека бил погрешно протолкуван, односно дека неговата изјава била извадена од контекст. Наводно дека калификациите „див и непримерен народ без идентитет“ не се однесувале на Македонците, туку само на жителите во селото Лажец.

За кривичната од од Хелсиншкиот комитет тој пред една недела требаше да се појави и во обвинителството, но не дојде, а објаснувањето беше дека не примил никаква покана.

Покрај двата актуелни случаи, реисот има „досие“ и од годините пред тоа. Еден од случаите кои изминатите години предизвика најголема лавина реакции беше негов текст во весникот „Лајм“, насловен како „Раѓањето на ин витро нацијата”.

Во него, Реџепи напиша дека Македонците-муслимани се ин витро нација, измислена од сатанските активности на ВМРО-ДПМНЕ.

„Владејачката партија ова го прави за да создаде нација на антички луѓе за да останат на власт“, наведе Реџепи.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...