Да се крстиш со три раце!

6147

Што ти е политика! За 15 дена изборна кампања, ВМРО-ДПМНЕ се претвори во најголемиот заговорник и промотор за правото и правдината во Македонија! Од пред два дена – откако завршија со колнењето на Преспанскиот договор – сега тоа им е главната тема на пропагандната поплава по телевизиски настапи, изјави, реклами и тролања по социјалните мрежи.

Со две третини од партиското раководство во притвори и во затвор, со пребеган осуденик од почесен претседател, со блокиран партиски имот заради истраги за милионски криминали, со партиска адвокатска комора поголема од официјалната, и со ниту еден сериозен збор за осуда на ваквото свое владеење – ВМРО-ДПМНЕ сега нè уверува дека е дојдено време ТИЕ, истите, замислете, ПОВТОРНО да се вратат на власт, како докажани борци за право и правдина… WTF?!

Силјановска дури вели дека со падот на ВМРО од власт сме расчистиле со груевизмот, а со нејзиниот избор би расчистиле и со заевизмот – и, веројатно, би ја започнале розовата ера на сиљанизмот?!

Предлагам Министерството за здравство да почне да дели субвенции за масовно вградување на трети, бионички раце за секој полнолетен граѓанин на државава, бидејќи е малку со постоечките две раце да се крстиме и од лево и од десно!

(Прашањето на кое место на телото би се вградувала таа бионика го оставам на вашата фантазија…)

А потоа го имате СДСМ кој вели дека најголемото незадоволство кај граѓаните доаѓа од работата на нивните градоначалници!? Заев дури јавно ги кара дека недоволно креваат телефони на повиците и не одговараат на смс-пораките на граѓаните од нивните општини. „Ќе кревате телефони и ќе ги решавате проблемите на граѓаните!“, им порача Заев на почетокот од вториот круг на изборната кампања за претседател на РСМ.

Како што прави тој. Наместо да се зафати со вртење телефон на разни служби и министерства во Владата и да ги праша што сработиле тие денеска?

Ајде уште една тура крстење со три раце!

А може ли СДСМ и ДПМНЕ да основаат заеднички комитет за национална координација на кампањите, за да се договорат што е проблемот на граѓаните: испорачувањето на правдата или мрежата за канализација во општините? Можно ли е нивните истражувања на јавното мнение, што секојдневно ги прават и во двата конкурентски изборни штабови, да покажуваат олку различни податоци за расположението кај гласачите?

Всушност, секој се чеша таму кај што го сврби. Мицкоски е под притисок да ја ревидира правната држава, бидејќи тоа е најголемата закана по иднината на оние кои му ја дадоа неговата партија за раководење. Заев е под притисок да ја ревидира работата на Владата, но бидејќи тоа, без нови парламентарни избори, нема да може на ефикасен начин да го направи, удира по „самарот“ на своите градоначалници. Па едната партија во клин, другата во плоча.

Сето ова има малку врска со претседателските избори. Ставовите на најголемиот број гласачи околу личностите на Силјановска Давкова и Пендаровски се формирани и доколку тие не направат некои крупни грешки во наредниве десетина дена, нема битно да влијаат врз конечните изборни скорови.

Она што ќе влијае, е работата на изборните штабови и нивната изборна машинерија. На овие избори, во двата штаба на финалистите не се чини дека некој особено се прослави. Напротив. Но, сега веќе просторот за грешки е мал, време за корекции нема. Борбата е улична, сокаче по сокаче, од влез во влез на секоја зграда. И сето тоа во атмосфера во која гласачите се уморни од празни ветувања и седење на Фејсбук.

Во тој контекст, Изет Меџити тврди дека токму ДУИ во првиот круг му ја донела разликата од 5.000 гласови на Пендаровски наспроти Силјановска Давкова… За во вториот круг најавуваат дека ќе оделе од врата до врата за поддршка на Пендаровски.

А, сè нешто си мислам, со оглед на угледот што ДУИ го има меѓу албанскиот електорат, ако искрено сакаат да му помогнат, можеби е попаметно да си седат по државните канцеларии, да не чукаат на врати на потенцијалните гласачи за Пендаровски?

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...