„Алексеј“ направи пуздер во Охрид ГАЛЕРИЈА

4964

Синоќа врз Охрид и Струга со сета сила удри циклонот „Алексеј“ кој на одделни места направи вистинска пустош.

Повторно е оштетен кејот Македонија, оштетена и наместа целосно урната е патеката од Даљан и Воска до Кошишта, оштетени се угостителски објекти, а со ѓубре прекриен е и стариот пат од Охрид до Струга кој ноќеска беше погоден од високите бранови, а пластичен отпад езерото исфрлило дури и до новиот пат кај аеродромот.

Под вода беа, а на одделни места се уште се делови од кејот и улицата „Коста Абраш“ пред Капетанијата на пристаништата, кои ги заплискуваа бранови од преполентото езеро, што е вообичаено при вака висок водостој.

Водата повторно навлезе во угостителските објекти на првата брегова линија во центарот на градот и населбата Канео. Во одредени објекти има нови штети.

За разллика од претходниот удар на циклонот „Хектор”, сега “Алексеј”, направи големи штети и во Струга.

Машката плажа и дел од паркот сепод вода, а големи штети претрпи Едриличарскиот клуб “Снегар”.

Бродарите од Охрид поучени од претходното искуство, сите пловила ги вгенздија во Студенчишки канал, а пристаништето беше невообичаено пусто.

Центарот за управување со кризи – ЦУК, предупредува на влошување на сотојбата бидејќи во текот на ноќта се очекува невремето да го зголеми интензитетот, а се најавуваат и обилни врнежи од дожд во утринските часови.

Надлежните ја оценуваат како загрижувачка состојбата со колекторскиот систем кој е пред колапс.

Поради зголеменото ниво на подземни води колекторот не може да ги преработува отпадните води и практично тој не функционира. За ова МЈП „Проаква“ со допис го известила ЕЛЕМ, во кој предупредува на можноста да се случи вистинска еколошка катастрофа.

Високиот водостој (утрово повторно водата од езерото се испушташе само на 3 одводи!) на реката Црн Дрим, може да предизвика излевање на непречистени води кај пречистителната станица Враништа и може да дојде до излевање на непречистени води во реката.

„Проаква“ побара да се намали испустот на вода од Охридското Езеро во Црн Дрим на 20-30 литри во секунда, што е нож со две острици.Ако едно се спаси, нешто друго ќе батиса!?

ЦУК информираше дека зголемен е преливот од акумулацијата Глобочица на 100-120 литри во секунда, што ќе го зголеми водостојот на реката Дрим, што е уште една загрижувачка состојба.

Општина Струга претходно предупреди дека е можно поплавување на регионалниот пат Струга-Дебар.

Веле Митановски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...