Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола изјави дека на било кој начин не му влијае лошата форма на Јунајтед пред утрешното дерби на „Олд Трафорд“. Според Шпанецот „црвените ѓаволи“, кои само пред неколку дена беа декласирани со 4:0 од Евертон, ќе го дадат најдоброто од себе, бидејќи во дерби дуелите, играчите секогаш даваат максимум поради навивачите.
– Остануваат четири натпревари, што треба да ги освоиме за да ја одбраниме титулата. Знам што треба да направиме и одиме за еден голем натпревар. Утре очекувам најдобар Јунајтед. Сигурен сум во тоа затоа што тие се горди. Затоа се подготвуваме за овој натпревар, како и секој пат. Тоа е дерби и секогаш кога играме против Јунајтед, натпреварите се посебни. Играчите даваат сè од себе за навивачите и клубот, изјави Каталонецот.
Гвардиола го поддржа и колегата Оле Гунар Солскјер чие назначување за постојан менаџер на Манчестер Јунајтед веќе започна да се дефинира од некои критичари како грешка, откако тимот запиша серија од лоши резултати.
– Јас сум блиску до Солскјер, ја разбирам совршено позицијата во која се наоѓа. Ние понекогаш се чувствуваме многу осамени. Тоа се случува на сите менаџери во светот. Таква е реалноста и треба да ја прифаќаме. Инаку треба да седиме дома. Го разбирам совршено и јас сум со него, и го поддржувам, вели стратеготна Сити.
Пеп потврди дека нема да може да смета на Кевин де Бруин во утрешното дерби, откако не е јасно дали Белгиецот ќе игра повеќе до крајот на сезоната.
– Де Бруин го пропушта натпреварот поради мускулна повреда. За жал, тој имаше една повреда, потоа втора, потоа трета. Имаше два или три пати мускулни проблеми, како последица од повредата на коленото. Сега ќе видиме дали ќе може да одигра уште еден или два натпревари до крајот на кампањата, по што е важно да одржи една добра предсезонска подготовка, заврши Гвардиола