Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, денеска ја стартуваше кампањата во вториот круг од претседателските избори. Во изјава за медиумите, таа рече дека гласовите во првиот круг се политички земјотрес.
– Резултатот не го гледам само како гласање за враќање на ВМРО-ДПМНЕ, го гледам како гласање за Гордaна Силјановска Давкова. Погледнете ги резултатите во главниот град, погледнете ги резутатите во најголемите урбани центри во Македонија и ќе го видите земјотресот – рече Силјановска.
Таа повторно ги критикуваше министрите и премиерот бидејќи учествуваат во кампањата на Стево Пендаровски, велејќи дека тие треба да се однесуваат технички бидејќи тие се и нејзин премиер и нејзини министри. Инаку, веднаш по конгресот на ВМРО-ДПМНЕ кога таа беше избрана за кандидатка за претседател, низ Охрид се шеташе со актуелниот претседател Ѓорге Иванов.
Таа рече дека загубата на гласови која ја доживеа СДСМ е најава за пораз на предвремени парламентарни избори.
-Не треба да сте експерт по избори, особено не на Обединети Нации, за да заклучите дека во историјата на европските избори во било каков вид се нема случено ваков колапс на легитимитетот, да изгубите за 18 месеци да изгубите 40 отсто од гласачите или нешто околу 200.000 гласачи, е силно предупредување не само за претседателски избори, туку и за очекуван пораз на следните превремени парламентарни избори – изјави Силјановска.