СОКОМ во мрак

И на крајот, пожелувам да не ми држи лекции некој од моите бивши (а и сегашни) студенти (а и некои други), кои ниту со еден збор не ме подржаа пред три години, дека треба да отидам во СОКОМ и на лице место да се вклучам во чистењето. Прво нека си решат консензуално кој е крив и зошто е дојдено на ова дереџе, а после е лесно.

1128

Денес добив порака, да не поверува човек: продолжението на вонреднатата седница на СОКОМ (Сојузот на композиторите на Македонија) ќе се одржи во среда во 17.15 часот, а времето е диктирано од фактот што електричната енергија е исклучена заради неплатени повеќе сметки кон ЕВН.

Во меѓувреме низ порталите и кулоарите кружат вести дека и имотот на СОКОМ е даден под хипотека заради земање кредит !!! Инаку СОКОМ има два атрактивни спрата во најстрогиот центар на Скопје во објектот познат по антологискиот кафански живот во подрумот кај  Јоле. Како тргнало со ЕВН нема да се изненадам некој (на нас композиторите) да ни го лапне и тој имот (почнува да кружи и кој), кој не е купен со тантиемите на генерациите што седат сега во СОКОМ,  туку на оние пред повеќе децении, во кој некое мало делче белќим ми припаѓа и мене.

Елем, кога пред три години ја одбив наградата за животно дело на СОКОМ, тогашното претседателство од кое сега половината ја обвинува другата половина за невиденото празнење на касата на СОКОМ, (а некои во меѓувреме си даваа оставки), значи: сите заедно потпишаа писмо дека наградата никогаш не ми била понудена (иако постоеја и уште постојат имејлите и есемесите како непобитен доказ). Ако малку ја погледнеа пораката зошто ја одбив понудата за награда, ќе го прочитаа ова што сега се случува во СОКОМ (што не ми е никакви сатисфакција, туку напротив уште поголема тежина и мачност).

Кога ќе ми текне што значеше некогаш, пред повеќе децении, влегувањето, посебно на нас младите во тие простории, во кои имало и тешки кавги, ама Здружението никогаш не било доведено во ваква пропаст, мислам дека татковците на македонската музичка култура би ни удриле такви шлаканици што образите со месеци ќе ни жежат и се црвенеат. И со право, зашто се работи за институција која била стожер и симбол на македонската култура, која во комуњарските години од нула ја подигна македонската уметност на меѓународен пиедестал.

Кога ќе ми текне исто така колку (буџетски) пари се завртеа во измината деценија во СОКОМ, со еден куп награди за дела (претходно нарачките за дела си ги плаќаше СОКОМ од киријата за едниот спрат), други можни награди, вклучувајќи ја и онаа најбизарната за виртуоз институција, виртуоз композитор (не оној што сам си ги изведува делата, туку оној што само компонира), виртуоз музиколог итн., можам само да добијам комплекс колку виртуозитет ми фали за се’, од компонирање, па до изведба.

Не знам дали да се радувам што овој мега скандал не беше гладијаторски растргнат во јавноста од дежурните за вакви специјалитети. Не знам дали отрпнавме, дали се изморивме, изгубивме надеж, или толку има мега скандали што овој не може да дојде на ред. Не знам зошто СОКОМ, кој бил должен според Законот за здруженија и фондации како здружение од јавен интерес и соддветна висината на годишен буџет, немал независни годишни ревизии, или барем јас не сум чул дека ги имал. Тогаш веќе со увидот во минатогодишната завршна сметка, ќе почнеа да се шетаат крупни шумски и други ѕверки (алигатори, диносауруси и слично).

Се обидов и да ја прочитам сликата (пораката) која ја видов во медиумите од изборната кампања на кандидатката за претседател на државата,  со бившиот претседател на СОКОМ и еден член од претседателството на СОКОМ, почитувајќи ги сите презумции на невиност кој СОКОМ ќе го влечат по судови во следните години, или барем така изгледа.

И на крајот, пожелувам да не ми држи лекции некој од моите бивши (а и сегашни) студенти (а и некои други), кои ниту со еден збор не ме подржаа пред три години, дека треба да отидам во СОКОМ и на лице место да се вклучам во чистењето. Прво нека си решат консензуално кој е крив и зошто е дојдено на ова дереџе, а после е лесно.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...