Само дел од исклучените од парно кои досега плаќаа паушал ќе бидат ослободени од оваа обврска. Според правилата за Снабдување со топлинска енергија кои ги донесе Регулаторната комисија за енергетика нема да го плаќаат овој паушал граѓаните кои ќе докажат со лични документи или имотен лист дека живеат во становите. Граѓаните кои се сопственици во становите, но кои не живеат во нив, ќе плаќаат одреден износ за ангажирана топлинска моќност.
Од Регулаторната комисија за енергетика изјавија дека обврската за празните станови да се плаќа одреден паушал произлегла од анализите кои ги правеле во Регулаторна и во МАНУ кои покажале дека новите потрошувачи создавале најголеми проблеми, и за оние што се приклучени на парно, но и за тие што се греат на струја.
– Констатиравме дека овие групи на потрошувачи предизвикуваат проблеми кај сите останати потрошувачи. Тоа го покажаа и анализите на МАНУ, а и нашите анализи, а и лично сметам дека ако некој има стан кој седи празен, треба да го плаќа паушалот, тоа е и од енергетски, но и од правичен аспект – изјави за медиумите Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.
Од Здружението за заштита на граѓанските права „Но пасаран“ Скопје, пак, спротивно на ставот на регулаторите сметаат дека овие граѓани не смеат да се издвојат од другите исклучени, оти Законот за енергетика не ги издвојува како посебна категорија на исклучени од парно, односно како посебна категорија на корисници на парно греење.
– За да им се наплаќа каков и да било износ на овие граѓани треба да се промени Законот за енергетика, а тоа треба да го направи Собранието не регулаторот и уште помалку снабдувачот со топлинска енергија. Правилникот кој се споменува во соопштението треба да го појасни законот, а не да воведува нова категорија на корисници на парно – вели Марјан Ненов од Здружението за заштита на граѓанските права „Но пасаран“ Скопје.
Тој од име на Здружението ги повикува сите граѓани кои ги исклучиле од парно празните станови да го оспорат на суд ова решение на регулаторите.
– Како здружение им стоиме на располагање да го одбранат своето право. Да, овие граѓани, можеби се корисници топлинска енергија или нивните станови служат како тампон зона за другите станови, но не се ниту Регулаторната комисија за енергетика, ниту пак снабдувачот со енергија, било да е БЕГ или „Скопје Север“ тие кои треба да бараат за тоа да платат. Ова прашање тој корисник на топлина треба да го регулира со своите соседи бидејќи тие се оштетените, не се снабдувачите со енергија – појаснува Ненов.
Тој, како што вели, не сака да верува дека и овој состав на Регулаторната комисија за енергетика спротивно на законот ги носи правилниците, како што тоа го правеше претходниот состав кога одлучи исклучените да плаќаат паушален износ за парно, а судиите донесуваа незаконски пресуди.
– Затоа сега јавно прашувам дали претходниот состав на Регулаторната комисија за енергетика ќе биде повикан на одговорност. Дополнително јавно прашувам дали судиите од Основниот суд 2 и Апелациониот суд плаќаат парно за своите домови. Ова ќе треба да го проанализира и Антикорупциската комисија – вели Ненов.
Од Здружението „Но пасаран“ велат дека исклучените од парно своите барања да бидат ослободени од плаќање ги поднесуваат во Регулаторната комисија за енерегетика не во БЕГ или во Скопје Север.
– Ние го поднесуваме барањето и ние одлучуваме што бараме. Во образецот на нашето барање поместени се и делови во кои бараме да се запрат судските процеси и постапки пред извршител и нотар, но и да им се вратат уплатените пари од 2013 година наваму на сите исклучени од парно – појаснува Ненов.
Од БЕГ кој снабдува најголем дел на граѓаните со тополна во Скопје велат дека веќе е објавен образецот за докажување на исклучените од парно дека се сопственици на становите кој е одобрен од Регулаторната комисија за енергетика и се бара според Правилникот за снабдување со топлинска енергија.
Сѐ уште не се знае бројката на исклучени од парно кои нема да плаќаат паушал и на оние кои ќе продолжат да плаќаат.
Во БЕГ е почнат процесот кој почна од 1 април и трае до 31 мај годинава.
– Во тек е постапката на поднесување на потребата документација од исклучените потрошувачи со цел да добијат статус на исклучен потрошувач кој нема обврска за плаќање на месечен надоместок за ангажирана топлинска моќност.Напоменуваме дека исклучените потрошувачи за да го остварат правото и добијат статус на исклучен потрошувач кој нема обврска за плаќање на месечен надоместок за ангажирана топлинска моќност, потребно е да пополнат Формулар изготвен од снабдувачот и одобрен од РКЕ и да ги приложат предвидените валидни документи (копија од имотен лист не постар од 30 дена и лична карта на увид) велат од БЕГ.
Досега, додаваат од таму, барање за статус на исклучен потрошувач кој нема обврска за плаќање на месечен надоместок за ангажирана топлинска моќност доставиле околу 100 потрошувачи.
Бројките со кои располага Здружението за заштита на граѓанските права „Но пасаран“ Скопје се дека вкупно ислучени од парно се од 14.000 до 15.000, а оние кои не живеат во становите се од 500 до 1.000 граѓани.