Уапсена жена во Северна Ирска во врска со убиството на новинарката

48

Полицијата на Северна Ирска денеска соопшти дека согласно Законот за тероризам уапсена е жена во врска со убиството на новинарката Лајра МекКи.

До апсењето на 57-годишната жена доаѓа откако групата Нова Ирак ја призна вината за убиството на младата новинарка.

„За време на нападот на непријателите, Лајра МекКи трагично е убиена додека стоеше покрај непријателските сили“, наведе милитантната група во изјава за весникот „Ајриш њуз“. Групата „искрено се извинува на партнерот, семејството и пријателите на Лајра МекКи поради нејзината смрт“.

Наградуваната 29-годишна новинарка, која пишуваше книга за исчезнувањето на млади за време на децениските судири во Северна Ирска, за време на на нередите во градот Лондондери стоела во близина на полицијата, кога кон нив почнал да пука непознат маж. Пред убиството, во населбата Креган дојде до безредија, се слушаа истрели и беа подметнати пожари.

– Новинарката веднаш, со полициско возило е префрлена во болница, но за жал, таму почина. Почнавме истрага за убиство – изјави во петокот помошникот шеф на полицијата Марк Хамилтон.

Претседателката на северноирската Демократска унионистичка партија (ДУП), Арлин Фостер, го осуди „бесмисленото“ насилство. „Оние кои во 70-те, 80-те и 90-те години го донесоа оружјето на нашите улици, не беа во право. Во 2019 година е исто така погрешно.“ И вицешефицата на националистичката Шин Фејн, Мишел О’Нил, го осуди убиството. „Тоа беше напад врз заедницата, напад врз мировниот процес и врз Договорот од Велики петок.“

Договорот од Велики петок, склучен во 1998 година, стави крај на деценискиот конфликт во Северна Ирска, во кој ирско-католичките националисти се бореа против протестантските лојалисти. Во рамки на преговорите за Брегзит беше изразена загриженост дека воведувањето гранични контроли помеѓу Северна Ирска и Република Ирска, која и во иднина ќе биде дел од ЕУ, може повторно да разгори насилства, потсетува Дојче веле.

Лондондери е познат по интервенцијата на британската армија наречена „Крвава недела“ . Во тој град, британските војници на 30 март 1972 година убиле 14 невооружени цивили, учесници на забранетиот марш за човечкови права на католиците. Причината за протестот била апсењето на 342 лица, обвинети дека се членови на Ирската републиканска армија (ИРА). Во Лондондери од почетокот на годинава имаше повеќе експлозии, но немаше повредени. Градот, кој од жителите се нарекува едноставно само Дери, има околу 85.000 жители и се наоѓа на крајниот северозапад на Северна Ирска на границата со Република Ирска.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...