Инспекторите за храна и официјалните ветеринари на Агенцијата за храна и ветеринарство, во првите три месеци од годинава спроведоа вкупно 16.578 инспекциски контроли, од кои 11.761 редовни, 1.464 контролни и 3.353 вонредни контроли. За констатираните недоследности изречени се вкупно 1.769 мерки. Донесени се 1.216 решенија, спроведени се 499 едукации на операторите со храна, изречени се 5 мандатни казни и поднесени се 13 прекршочни пријави, соопшти денеска Агенцијата за храна и ветеринарство.
Како небезбеднa храна инспекциските служби на Агенцијата, но и самите оператори, во првиот квартал од 2019 година нештетно уништиле вкупно 68.806 килограми храна, од кои најголемиот дел, односно 58.991 килограми, храна од животинско потекло.
Официјалните ветеринари на граничните премини, во првите три месеци од годинава извршиле контрола на 3.980 пратки од увоз со 45.145.312 килограми храна од животинско потекло. Вратени и уништени небезбедни пратки од увоз во овој временски период нема.
Инспекторите за храна на граничните премини извршиле контрола на 10.847 пратки со 117.175.259 килограми храна од неживотинско потекло. Во првиот квартал од 2019 година нема вратени или уништени небезбедни пратки од увоз.
Во истиот временски период извршени се и 2.709 контроли на пратки со 23.245.151 килограми предмети и материјали кои доаѓаат во контакт со храната. Забранет увоз или уништени пратки од оваа категорија производи од увоз во првиот квартал на годинава нема.