Обвинетите за убиството на Саздо осудени на по 19 години затвор

478

Во Кривичниот суд во Скопје денеска беше соопштена пресудата за двајца од тројцата обвинети за убиството на Никола Саздовски Саздо.

Бесир Беља и Скендер Демири добија затворски казни од по 19 години.

Третиот напаѓач инолвиран во случајот, Јетон Ључа, е во бегство.

Покрај затворските казни, тие треба да платат  и штета на семејството на жртвата.

Воедно, Бесир Беља треба да исплати оштета од по 1.200.000 за таткото, мајката, братот, сестрата, а за бабата на Саздовски 600 илјади денари. Исто толку треба да им исплати и Скендер Демири.

Со солзи во очите, изрекувањето на пресудата во судница го следеа и родителите на Саздо.

Судскиот процес почна на 9 ноември минатата година и го води судијката Даниела Алексовска-Стојановска. Двајца од напаѓачите, Беља и Демири, се во притвор во затворот во Шутка, а за третоосомничениот, кој сè уште е недостапен за органите на прогонот, е распишана домашна и меѓународна потерница.

Во текот на судењето, на 7 февруари годинава се правеше и реконструкција на убиството на Саздовски во присуство на сведоците и вештите лица на автобуската постројка во Автокоманда.

Според обвинителниот акт, Беља и Демири заедно со Јетол Ључа, кој е во бегство, на 29 јуни минатата година крвнички го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“ на булеварот „Александар Македонски“ во Автокоманда.

Од здобиените повреди, Саздовски на 9 јули 2018 година почина на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Обвинителството кога отовори предмет за овој случај првично го водеше за делото „насилство“, а потоа направи преквалификација во „убиство на свиреп начин“. Ваквата одлука ОЈО, ја образложи со тоа што во текот на истражната постапка биле обезбедени вербални и материјални докази, односно биле испитани повеќе сведоци, бил прибавен обдукцискиот протокол од Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, а особено по изготвеното судско-медицинско вештачење извршено по наредба на јавен обвинител од страна на истиот институт.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...