Театарската сала се испразни, луѓето бараат вистински промени

Интересни за анализа се постизборните пораки и на власта и на опозицијата. Заев вети „метла" по 5 мај, откако пропушти две години да ги слушне разочараните. Но, вакви ветувања имаше повеќе пати. Дури и доби метла од познатиот актер Дац на митингот во Карпош. Уште еден театарски гег? Нема причина луѓето да чекаат до 5 мај за вториот круг на изборите.

2254

Сакам, за момент, да се придружам кон „толкувањето на пораките“ од граѓанките и граѓаните во првиот круг на претседателските избори. Како што тоа беше случај и со Референдумот 2018, така и на претседателските избори, оние што не излегоа на гласање, испратија повеќе пораки. Главната порака, најсилна и најгласна е дека луѓето се разочарани, не поради ЕУ и НАТО перспективите што, очигледно, ги поддржуваат во огромно мнозинство, туку поради неисполнетите ветувања. Во овој момент е неважно дали тоа (не) е ефикасен начин да се испрати порака до било која власт, туку дека тоа е пораката, а не е нешто друго.

Да ја споредиме ситуацијата со претходниот изборен (референдумски) процес. Наспроти сета омраза, заканите и лажните вести што ги сееше националистичката опозиција, помогната од руското министерство за надворешни работи во текот на Референдумот 2018, поддршката ја дадоа 600 илјади луѓе. Тие што не се плашеа, а останаа дома, ја испратија пораката што и оваа година ја испратија на претседателските избори. Со таа разлика што овој пат разочараните беа далеку побројни. Премиерот Заев, во новогодишното интервју што го направив, соочен со прашањата поврзани со ветувањата и очекувањата, кажа дека ќе очекува многу повеќе работа и одговорност од министрите и градоначалниците, но од тогаш поминаа речиси четири месеци, исполнети со скандали и нови разочарувања.

На денот на гласањето во првиот круг на 21 април, на СДСМ како да му беше најважно да испрати хермелини и специјална полиција во речиси празниот Дебар за да ја обезбеди победата на градоначалничкиот кандидат на ДУИ.

Премногу често гледаме како компромисите и пазарењето зад затворени врати обезбедија, најблаго кажано, проблематично практикување на власта, поточно, заедничкото владеење на СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. Неказнивоста го замени владеењето на правото. Површните мерки и политикантски одговор на барањата од ДУИ го заменија концептот „Едно општество за сите“. Неолиберализмот остана доминантен во економско-социјалната сфера, наместо да видиме едно силно придвижување кон тоа што се подразбира под поимот социјална правда. Да набројувам ли уште?

Не мора, но ќе споменам само уште тоа, дека медиумите и самопрогласените колумнисти и аналитичари, инаку прописни неофашисти, ботовите на ВМРО-ДПМНЕ и нивните инсталации на стратешки места во системот, продолжија да ја контаминираат јавноста со омраза, повици на насилство и со лажни вести. Каде е реакцијата од тоа? Или, повторно ќе слушнеме дека власта не се меша во правосудството… А од друга страна, власта се договара (се пазари) со Мицкотакис, пионот на Груевски, за судбината на СЈО. Со други зборови, власта си дозволи да преговара со криминалци за тоа дали да ги пикнат в затвор или не, можеби со очекување дека криминалците сами ќе се пријават на затворските капии.

Инаку, споредбата со Референдумот не е случајна, бидејќи главната оска на кампањата на Мицкоски и Силјановска-Давкова се заснова на националистичката и антизападната хистерија и на овие избори. Всушност, се работи за мачно и мрачно продолжение на истата кампања. Затоа, апстиненцијата на гласачите е гласна порака до власта дека ја напуштаат театарската сала. Што би рекол еден мој другар, инаку СДСМ-овец: „Во салата останаа само првите два реда каде што седат тие што се омрсија од власта, другите ја напуштија претставата. Треба да погледнат во салата, се празни.“

Да бидеме чесни докрај, премногу очекувавме и не знаевме колку е тешко да се искорени фашисоидниот режим што пуштил корења до сржта на системот и влегол во умовите и душите на дел од луѓето. Но, се намножија и примерите на погрешни потези, крајно неочекувани постапки и практикување на власта што често имаше мирис и вкус на минатото.

Затоа, еден дел од луѓето, за да го искажат своето разочарување, останаа дома на Референдумот 2018, гласна и остра порака, колку и да е останувањето дома една безгласна постапка во буквална и преносна смисла на зборот. Тоа беше погрешно, бидејќи нивното останување дома на 30 септември минатата година го присвоија деструктивните, антимакедонски и антизападни структури, предводени од ВМРО-ДПМНЕ. Нека ми простат тие што вееја руско знаме на полицискиот хермелин, ама тие се незначајни, лумпен политичари, без друга функција, освен да служат за потсмев.

Интересни за анализа се постизборните пораки и на власта и на опозицијата. Заев вети „метла” по 5 мај, откако пропушти две години да ги слушне разочараните. Но, вакви ветувања имаше повеќе пати. Дури и доби метла од познатиот актер Дац на митингот во Карпош. Уште еден театарски гег? Нема причина луѓето да чекаат до 5 мај за вториот круг на изборите. Македонскиот од кон правдата, слободата и еднаквоста застана. Секоја следна минута стоење во место е минута од животот на сите што очекуваат тој од да се претвори во спринт.

Вечниот партнер на власта, мислам на поголемиот, Ахмети, не на Амди (иако суштината им е иста), не мрда со прст, освен да зграпчи нешто. Се разбира, истото се однесува и на сите помали и поголеми приврзоци што со години послушно се врткаа низ коридорите на Грујовиот авторитарен апарат. Тие не само што не придонесоа кон раскинување со криминалното практикување на власта, туку само го одржаа тој систем жив и силно присутен. Оправдан е впечатокот дека новата власт, стара две години, не го урна режимот, туку само го презеде.

Затоа, голем број луѓе останаа дома на 21 април. Дел од ветувањата може да се исполнат и пред 5 мај. Останаа дома и вмровци кои не можат да се опорават од разочарувањата што им ги приреди нивната партија во изминатите две години, а претседателските избори (и кандидатката) им беше само црвлива и кисела цреша на врвот од тажната торта што им ја направи Грујо.

Значи, може да се направат промени и за пократко време, да се почувствува промена и за еден ден. Не со багери или политичка корупција, а најмалку со нови ветувања, туку со брзи, решителни и остри потези. Не со инспекции по дуќани и берберници и не со казни што ќе воскреснат веднаш по изборите, не со СМС пораки што наликуваат на оние на режимот, не со самоволие на локалните шерифи, не со неказнивост на миленковци, мирки, апашиевци и латасовци… Не со амнестија на криминалот, туку со укинување на неправедни судски одлуки, со шлаканица против оние што камчат пари од осиромашените граѓанки и граѓани на оваа земја.

Бесмислената бирократија и нефункционалниот процедурализам ќе го олесни животот на луѓето. Такви одлуки се носат за час, за насмевките да се вратат на лицата на луѓето. Да се користат законите, а не дупките… Е, за тоа треба чесност.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...