Католиците денеска го слават најголемиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден. Традиционално во Македонија, централното одбележување по повод празникот се одржа синоќа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде имаше велигденска воскресна литургија.
Бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов им го честиташе празникот на католичките верници и ја прочита велигденската порака:
– Христовото воскресение се издигнува над настанот на историјата како таков и отвора врата на новата историја во која ние само претчувствуваме каква е големината на новиот човек во Божјиот план. На оваа земја сите сме на минување, но тоа толку нè привлекува што често сме им слични на луѓето кои заради болест или старост одат поднаведнати и тешко им е да се исправат за да погледнат во насоката каде сонцето заоѓа.
На литургијата присуствуваа и претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов со сопругата Маја, заменик-претседателот на Владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот без ресор задолжен за дијаспора Едмонд Адеми, министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, Зоран Шапуриќ и директорот на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи Даријан Сотировски.
Годинава католиците го обележуваат Велигден на 1 април според Грегоријанскиот календар, додека православните, кои верските празници ги слават според Јулијанскиот календар, празникот ќе го обележат на 7 април.
По повод празникот, честитка до граѓаните од католичка вероисповед испратија претседателот Иванов, претседателот на Собранието Талат Џафери, како и политичките партии.