Мажот кој побегнал од австрискиот затвор пред повеќе од 10 години ѝ се предал на полицијата во Салцбург, со објаснување дека му здодеал животот на Канарските острови, соопштила австриската полиција.
Носејќи два кофери, 64-годишниот маж во саботата вечер влегол во полициската станица на железничката станица во Салцбург и објаснил дека е затвореник во бегство и дека штотуку пристигнал од аеродромот во Минхен.
Тој раскажал дека 10,5 години поминал на Тенерифе, јавува АП.
Мажот рекол дека одлучил да се врати бидејќи шпанскиот остров „не е убав како што порано бил и бидејќи доволно долго живеел таму“.
Полицијата утврдила дека навистина станува збор за одбегнатиот затвореник, па набрзо бил префрлен во затвор во Салцбург.