Изборниот парадокс на дијаспората

1049

Дијаспората не се откажува од Македонија, го дава својот глас за татковината – но не гласа на изборите. Ваквото тврдење, кое во себе содржи и извесен парадокс, се повторува пред секој изборен циклус во изминатите години, следејќи го трендот на исклучително слабиот одзив на македонските гласачи во странство.

Без оглед дали станува збор за комбинација од разни причини како бојкот, незаинтересираност, разочарност и изборна апатија, катастрофално ниската излезност на иселениците на изборите несомнено го поставува прашањето за оправданоста од нивното натамошно учество во изборниот процес. И тоа најмалку на начинот на кој досега се организираше и спроведуваше гласањето во дијаспората, како операција која ризикува да стане целосно бесмислена кога станува збор за можностите да се мобилизира значајно поголем број привремено или трајно отселени граѓани да го остварат своето уставно загарантирано право на глас.

Токму затоа и оценката дека „имавме скандинавски избори“ е само делумно точна. Посебно кога станува збор за изборниот цензус, кој во скандинавските земји редовно е над осумдест отсто, а на изборите во Шведска во минатата година достигна 87 проценти излезност. Околу 200.000 шведски граѓани со право на глас живеат во странство, од кои околу една третина гласаат на изборите, а понекогаш имаат и решавачко значење при мошне израмнет изборен резултат. Дел од шведските партии со активна предизборна кампања меѓу избирачите во странство се обидуваат уште повеќе да ја зголемат бројката на тие гласови, ветувајќи им на иселениците олеснување на контактите со државните органи, поволности во однос на намалување на некои даночни стапки кои се однесуваат на нив, како и подобрување на условите за гласање во странство.

Погледнато во таков контекст, македонската дијаспора е речиси целосно изолирана и запоставена во предизборната кампања. И дискриминирана, во однос на условите што ѝ се овозможуваат да го оствари своето право на глас, а што, иако веќе нема никакви дилеми дека тоа не дава некаков поголем одзив, единствено е можно во амбасадите и конзулатите.

Сосема е разбирливо дека трошоците за надоместоци на избирачките одбори и нивните патни трошоци и хотелски сместувања се иритирачки и бесмислени, кога се знае дека во голем број македонски дипломатски претставнившта не гласаат повеќе од десетина пријавени избирачи. Но дали такви избирачки одбори, што се испраќаат во дијаспората, се навистина потребни? Некои земји, како, на пример, скандинавските, веќе со децении наназад овозможуваат, освен во амбасадите и конзулатите, и гласање по пошта за своите изеленици. Оние што немаат пријавено своја адреса во странство, можат сами да го нарачаат изборниот материјал од изборната комисија, преку амбасадите или, пак, од матичната општина во својата земја. Но доколку гласачите веќе се регистрирани на избирачкиот список, тогаш изборниот материјал и гласачките ливчиња автоматски им се праќаат пред изборите на нивните адреси во странство.

Упорното и тврдоглаво инсистирање гласањето во македонската дијаспора да продолжи на истиот начин, без какви било промени кои многу пати досега се сугерирани и посочувани, најблаго речено – зачудува. Едноставно, се доаѓа до заклучок дека македонската држава нема систематски пристап во спроведувањето на политиката кон македонските граѓани надвор од Македонија. Право на гласање на македонското иселеништво во практика е мошне тешко, или речиси невозможно, со оглед на големата географска оддалеченост на дипломатските претставнивштва од средините во кои има поголема концентрација на иселеници. Иако оддалеченоста не и единствениот фактор со кој може да се објасни толкавата изборна апатија што беше манифестирана во дијаспората во кампањата на актуелните претседателски избори.

Токму затоа и не изненадува тоа што веднаш се бара повод за одново да се постави прашањето – дали на дијаспората треба да ѝ се укине правото на глас? А кога нештата ќе се погледнат во една поширока перспектива, станува јасно дека дури 120 земји во светот (таа бројка е во постојан пораст) им овозможуваат гласање на своите иселеници, меѓу кои речиси сите европски држави. Правото на глас на дијаспората е воведно, на пример, во Индија во 1950 година, во Франција во 1975, во Шпанија во 1978, во Австрија во 1990 година. Методите на гласање се различни. Во осумдесетина земји се овозможува гласање само со физичко присуство, додека во 48 земји е можно и гласање по пошта. Што се однесува до често споменуваното решение преку воведување на електронско гласање, во Европа засега единствено Естонија, и делумно Холандија, овозможуваат гласање преку интеренетот. Но поголем број други земји се подготвуваат за примена на електронско учество во изборниот процес.

Македонски граѓани ги има толку многу, стотици илјади  раселени на сите страни на светот. Губењето на нивниот интерес за развојот во татковината во добар дел е и резултат на македонските медиуми во кои мошне малку ја има бројната дијспора. А ако македонските медиуми успеваат да создадат и некаква слика за дијаспората, тогаш тоа е слика за некакви отуѓени луѓе со инфериорен социјален статус, чудни навики и екстремни погледи, луѓе кои не ја разбираат државната политика во татковината, а за кои државата сосема непотребно троши буџетски средства.

Токму затоа, за очекување дека изборната апстиненција во дијаспората во иднина ќе остане изолиран процес околу кој какво било внимание целосно – ќе згасне.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...