Титовизмот, милошевизмот и заевизмот (2)

805

Дали главната порака на претседателскиот кандидат Г. Силјановска која нè убедува дека „титовизмот, милошевизмот и заевизмот“ не се ништо другo ами „од еден дол дренки“ (Г. Тодоровски) е – навистина главна? Дали споредната, помалку видлива, онаа која „во поверение“ ни шепоти на увце дека политичката филозофија, стил и практика на Тито и Заев се фасади зад кои се крие онаа на Милошевиќ, не е – главна? Ако е главна (а главна е!), тогаш зошто тој кандидат има толку силна потреба од фасада за таа порака?

Toa се привлечни прашања. Водат кон не помалку привлечни одговори. Од своја страна, тие одговори отвораат и куп други, уште попривлечни прашања. И така во – недоглед. За жал, барем сега засега, морам да ги тргнам настрана тие привлечности. За да можам да ги изложам, во груби црти, главните одлики на политичката филозофија, стил и практика на Слободан Милошевиќ кои се, ако се прими здраво за готово ирационалната, озлобена мисла на Силјанoвска, политичка филзофија, стил и практика и на Ј.Б. Тито и З. Заев.

За таа цел ја користам авторитетната книга „Горка суза после“ (2010) на Срѓа Поповиќ (1937-2013), еден од водечките слободумни мислители од кругот на оние луѓе кои ја поттикнаа, артикулираа и, конечно, ја урнаа (5-ти октомври 2000 г.) долгогодишната крвава тиранија на Слободан Милошевиќ. Се повикувам на таа книга затоа што нејзиниот автор е, токму како и Г. Силјановска, правник по професија и вокација од една, и затоа што некои делови од таа книга се прво објавени на англиски јазик, од друга страна. Згора на тоа, С. Поповиќ ужива не помал меѓународен углед од Силјановска, за што беше љубезна да нè извести уште на својата промоција како претседателски кандидат на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ. Накусо, се работи за две екстра интелектуални фигури од сродна научна област (и формат?) кои би требало да имаат ако не идентични, тогаш барем блиски погледи кон една политичка филозофија, стил и практика како онаа на Слободан Милошевиќ. Погледите на Г. Силјановска веќе ни се познати. Кои и се погледите на нејзиниот јуристички аналогон С. Поповиќ?

Во уводното поглавје „Они се као отцепљују, ми као не дамо“ од книгата „Горка суза после“, С. Поповиќ предлага теза која се потпира врз прегледна, систематска и богата аргументација. Според таа аргументација, главен виновник за распадот на СФРЈ и крвавите војни кои го следат тој распад е конспиративна, заговорничка тројка во која влегуваат: Слободан Милошевиќ, претседател на СР Србија, Борислав Јовиќ, претседател на Претседателството на СР Југославија и генерал Вељко Кадиевиќ, сојузен секретар на војската во владата на Анте Марковиќ, последната влада на eкс-Југославија. Како и кога, според оптиката на С. Поповиќ, доаѓа до фактичкиот распад на Титова Југославија?

По иницијатива, режија и команда на Сл. Милкошевиќ, Собранието на СР Србија донесува нов Устав на ден 28 септември 1990. Според тој Устав, таа федерална единка се прогласува за независна држава со сите свои атрибути, салтанати и нишани. Иако не ја напушта федерацијата, барем формално. Иако и натаму останува во нејзините рамки. Ама, останува на еден крајно необичен и парадоксален начин. Таа ги задржува сите свои права како и другите единки во таа федерација. Но затоа пак нема никакви обврски кон неа.

СР Србија, според тој Устав, има право да ги штити своите интереси ако оцени дека законите на Федерацијата се против тие интериси. Таа има своја надворешна, монетарна и фискална политика, како и своја царинска служба. Сето тоа се случува една година пред да прогласат независност (на 8 октомври 1991) федералните единки Словенија и Хрватска. Сето тоа се кажува во јасна и категорична форма на член 72 на Уставот кој „одредува дека Србија е суверена и НЕЗАВИСНА“ (истакнато од С. Поповиќ); „уредува сувереност, независност и територијална целокупност на Република Србија и на нејзината меѓународна положба и односи со другите држави и меѓународни организации“ (стр. 31).

Најнеобично и најзанимливо во таа дрска самоволја на Милошевиќ е тоа што легалното и легитимно Претседателство на СФРЈ (врховен командант на ЈНА) не само што не презема ништо, ами дури ни не негодува против човекот кој им фрла јавно нараквица в лице, кој ги понижува до срж, кој се постава над нив и над законите на СФРЈ! Тоа е парализирано од страв. С. Поповиќ има свое објаснение за тоа. Ќе се задржам на тоа во следниот напис.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...