Умните луѓе велат дека сите цивилизации – што ќе рече не само Западната – почиваат врз цврст систем на културни вредности како суштинско јадро на принципите и идеалите (не само) на современите општества. И го сакале ние тоа или не, тука повторно се јавува зборот култура / културни, оној збор кој кај нас малкумина сакаат да го слушнат. Апропо, слушнавме ли некој од претседателските кандидати да го спомне зборот култура, во кој и да ѐ, во каков и да ѐ контекст? Не, се разбира, (освен онаа несреќна културологија на Пендаровски), зашто кај нас претседателот на државата не мора да е културен, не мора ни да знае што е тоа култура? Иако, велат (Блажевска), тие не спомнаа, или не знаеа, и многу другите работи кои ама баш би морале да ги знаат (број на војници, упразнети амбасадорски места итн.). Но, вели Блажевска, ќе научат. И ние секогаш со тоа се тешиме. Дури и кога е во прашање претседател на држава, судија во Уставен суд, академик, министер и слично! Ама сепак на сите им е / беше полна устата со „вредности“ – секакви, од демократски до правни – како тие да паѓаат од небо а не се прозвод токму на културата на една средина, заедница, држава. (Она актуелноно умоотпорно растение од Водно ја спомнуваше културата еднаш годишно, на отворањето на Фестивалот „Браќа Манаки“, па и тогаш главно трескаше глупости за филмот, за културата, глупости што веројатно некое друго растение од негов вид му ги пишувал зашто тој не би умеел да состави ниту една простопроширена реченица за културата. Исто ли ќе биде и со овие?).
А сепак, културата / културните вредности го моделираат начинот на кој што живееме, го фокусираат нашиот светоглед. Не дека не би можеле и без ова, без културните вредности, ама тогаш нема да не вбројуваат меѓу цивилизираните општества. Затоа, велат, културата е клучот за сите кризи во општеството, таа е и капацитетната „алатка“ која што ги носи промените кај луѓето / општествата со цел да обезбеди спокој и одржлив развој. Се разбира, тој клуч не е семоќен, особено ако не сакате да го користите! Апропо, затоа и мислам дека евидентната стагнација во нашиот културен развој од 1992 наваму односно нашата целосна културна деградација и неможност за развојно престројување се причината за нашата општа (културна) девастација и назадување на општеството. Државите „растат“, се развиваат, јакнат на темелите на културата. Ние – назадуваме на темелите на некултурата!
Затоа, впрочем, ако (Северна) Македонија денес по нешто загрижувачки дијаметрално се разликува или отстапува од (западно)европската цивилизација, тоа е т.н. систем на (културни) вредности. Поточно, по отсуството на што и да ѐ што барем приближно би можело да се идентификува со некаков (дури и лабав, ориентационен) систем на постојани (културни и други) вредносни координати кои што ја стабилизираат оваа држава во нејзините севкупни политики. Зашто вкупните политики на една држава морат да се темелат на востановен систем на вредности во сите области – почнувајќи од историјата до здравството, од културата до образованието, од економијата до човековите права … Ако тоа го немате, немате ништо. Иако мислите дека имате. Ама тоа се вика привид, или лага, како сакате. Општествените норми се ништо друго туку усвоени (културни) вредности, иако (како што вели Харари) почиваат на заеднички митови. Во библиските времиња општествениот поредок, заснован врз универзалните и вечни принципи на правда, бил даден од Бога. А во тој поредок хиерарскиот принцип бил алфа и омега. И врз тој принцип се засновале сите (културни) вредности. Барем правнициве треба да го знаат Кодексот на Хамураби, кој утврдува дека „доколку некој од повисоката класа му го ослепи окото на друг од истата класа, тогаш и неговото око ќе биде ослепено“, ама „ доколку некој од повисоката класа му го ослепи окото на обичен граѓанин од пониската класа (…) ќе треба да му исплати 60 сребрени шекели“. Ете ја утврдената вредност, и кај класите – да се знае кој каде припаѓа, и кај очите, барем кај обичните граѓани. Но цена имале и другите нешта: животот на жена од пониската класа чинел 30 сребрени шекели, на жена робинка 20 шекели, пометнувањето на жена од пониската класа чинело 5 шекели итн. Очигледно Хамураби сметал дека оваа дистинкција на основните вредности, па и нивните цени, мора да се направи во неговата држава уште во 1776 година пред нашата ера, односно дека системот мора да функционира врз некои дадени / усвоени вредности, правила, норми.
Денес, и кај нас, се разбира, општествениот поредок е даден не од Бога туку од демократските институции во форма на Устав и закони. И во нив се опишани, или определни, ако сакате, нашите вредности во форма на парламентарната демократија како општествено уредување, вредностите како слобода на говорот, на уметничкото изразување, човековите права итн. Да, од таа страна сме покриени, што се вели. Но, кај Хамураби системот функционирал. Тој за себе велел дека е благороден крал, дека неговите одлуки се праведни и дека ја води земјата по патот на „вистината и исправниот начин на живот“. Иако, ова го велат и нашите институции задолжени за спроведување на основните вредности на системот. Ама сепак медиумите ни се полни со (најблаго речено) противречни искази за функционирањето на тој систем, за аномалии за кои што Хамураби без пардон би сечел нозе и раце зашто самиот тоа го запишал во неговиот Кодекс.
Но, добро, ова е едниот аспект на општествените / културните вредности. Современите држави денес не се повикуваат, како Хамураби, дека државата им е доверена на чување од боговите (Ану, Енлил и Мардук, како во случајот на Хамураби) туку дека тоа го прават – во името на народот. Иако и народот е подеднакво имагинарна категорија како и боговите. Кој „народ“, имено, бил консултиран при намалувањето на казната на пијаниот возач кој усмрти девојка, и нели токму тој „глас на народот“ низ устата на голем број медиуми и луѓе зборуваше токму спротивно? Но современите системи ја наметнаа, меѓу другото, и „кваката 22“ наречена – релативизација. Не само во правосудниот систем (со казните од – до) туку во сите сегменти на секојдневниот живот. На пример, сите се еднакви, само некои се поеднакви. На што ви личат сите оние привилегии на пратениците во највисокиот законодавен дом? А во отсуството на почитувањето и на најцврстите општествени / културни вредности (Устав и закони), на изградени стандарди и критериуми, царува токму релативизацијата. И ние сме цареви во тоа. Кај нас се’ е подложно на релативизација: од идентитетот до судските пресуди, од историската улога на ВМРО-то до Блаже Конески, од правната до партиската држава итн. Кога ќе почнете да ги релативизирате сите (наводни) вредности во државата, започнува крајот на истата, на државата. Зашто тогаш сечиј, и ничиј став е релевантен; секој е закон / судија / извршител; тогаш посилниот, помоќниот – а по правило тоа се (по)неспособните – е власт во државата. Уште Маркусе велел дека ќе дојде време кога самото општество ќе биде уметничко дело, а маестро Бојс ова го надградил со мислата дека секој човек е уметник. Ама сето тоа ние го сфаќаме буквално, и не само тоа, како што ја сфаќаме буквално и демократијата и ја трнсформираме во анархија односно (во нашиот пример) во власт на неспособните, неуките, неписмените. Сериозните демократии, па и автократии – а онаа на Хамураби е тоа во самата суштина – почиваат на функционирањето на вредностите, општествените и културните. За тоа, следниот пат.
Извор: Теодосиевски: За уметноста