Од многуте информации и содржини на социјалните мрежи, само мал дел од лажните вести може да се контролираат и отстранат за да не влијаат на средношколците, па затоа самите мора да бидат многу внимателни. Ова беше посочено на денешната дебата на тема „Лажните профили-лажните вести, нивното влијание и ризикот од нив“ во организација на Дебатниот клуб при Правниот факултет на Универзитетот во Тетово.
– Средношколците треба да ги знаат легалните аспекти што подразбираме под лажни вести. Треба да бидат внимателни, да не бидат ниту жртви, ниту креатори на такви лажни вести. Знаеме дека секој од нив неколку часови на ден седи на социјалните мрежи, посебно на Фејсбук, Твитер и така натаму. Посебно тие веб сајтови се едни од најголемите кои овозможуваат тие да се шират, зошто механизмите за нивна контрола се скоро мали и спаѓаат под 10 проценти, посочи еден од предавачите, професор Беким Максути и актуелен заменик министер за одбрана.
Тој рече дека мора да се запре негативниот тренд на младите кои ширењето на лажните вести го гледаат како начин за заработка.
– Случајот со лажните вести е навистина проблематичен. Посебно нашата земја од 2016 година уште од претседателските избори во САД претставува една оаза каде тие се се продуцират, каде се формулираат и каде тие насекаде се споделуваат, рече Максути.
Од Дебатниот клуб при Правниот факултет наведуваат дека често организираат активности во насока на информирање на средношколците за разни области.
– Од март бевме во сите средни училишта и дебатиравме на теми кои се во општ интерес на средношколците. Одлучивме да ги повикаме тука и во соработка со директорите на средните училишта донесовме одлука дека треба да разговараме за лажните вести и профили на социјалните мрежи, рече Дрита Мамути Фазлија, координаторка на Дебатниот клуб.