Ние – светска оружена закана!

Ќе речеш, мали сме. Ама и на Москва и е познато дека во мали шишенца се чуваат отровите!

855

Одлуката на Владата на Република Македонија да го протера рускиот дипломат има неколку неотпорности, кои не дозволуваат да биде сместена во категоријата на рационалните дипломатски потези. Меѓутоа, изненадува и чекорот на шефот на рускиот дипломатски тим во Скопје, кој на крајот од неговата изјава, им подлегна на емоциите, кои не се својствени за поведение на амбасадор. посебно за репрезент на светска велесила. Човекот без двоумење во рингот ни фрли ракавица. Да се знае кој што е. Покрај мустаќите, ги засука ракавите за да видиме колку се набрекнати мускулите на Руската Федерација.

Беше краток и јасен. Ни ја поттури сметката за да си знаеме колку скапо би не чинел влзот во НАТО. Со други зборови, при евентуален конфликт и ние би биле мета на руски боеви глави. Така некако рече човекот.

Јас мислам дека рускиот дипломат е во право. Во крајна линија, Москва ја проценила опасноста што за руската безбедност ја имаат нашите вооружени сили. Посебно нашите нашите специјални единици опремени со градобијни ракети со интерконтинентален домет. А како што е евидентно, до неодамна, дел од нашата армија место со тешки цокули, беше снабдена со лесни патики и папучи, што е голема предност при борбените дејствија, посебно при напредување на фронтот, а особено за ефикасно трчање – наназад.

Странските шпионски служби не може да го разгатнат и феноменот што дел од нешите копнени сили за брза реакција носат или леви, или две десни обувки, па никогаш не се начисто дали ќе правиме прпбив на десното, или на левото крило од фронтот. За другите софистицирани оружја со кои располагаме, да не говориме, тоа сепак спаѓа во доменот на воените тајни.

Не е фер да го плашиме шефот на рускиот дипломатски тим, стациониран во македонската метропола. Еден од нив протеравме, а другите, ако докрај ги отвориме картите на нашата воена моќ, може сами да се разбегаат. Од декларираното, не е тешко да се заклучи дека сме сепак закана за светската безбедност. Ќе речеш, мали сме. Ама и на Москва и е познато дека во мали шишенца се чуваат отровите!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...