На еден портал прочитав, во текот на веќе наголемо вжештената кампања на Гордана Силјановска, кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ на РСМ, дека, изјавила оти кај нас воопшто немало груевизам. Напротив. Имало само некој опасен и разорен „титовизам, милошевизам и заевизам“. Веднаш да кажам: тоа е една „страхотно“ (како што би рекле нашите источни соседи) изјава од еден претседателски кандидат. Згора на тоа и угледен, долгогодишен универзитетски професор по правни науки. „Страхотно“ неодговорна, „страхотно“, далеку од вистината и „страхотно“ опасна по многу основи.
До ден-денешен (веќе ги имаме резултатите од првиот круг избори) не прочитав не само посериозен коментар на таа, според мене, крајно чудовишна изјава на Силјановска, туку ни благо негодување од нашата критичка јавност. Не прочитав ни деманти било од Силјановска, било од нејзиниот изборен штаб на истата изјава. Затоа што го нема ни едното ни другото, со право треба да се помислува најмалку неколку работи: а) за нашата јавност чудовишните изјави од тој вид се одамна нешто – нормално; б) таа е веќе до тој степен навикната на нив што не им обраќа никакво внимании (дури ни не ги забележува!); в) со таа навика, како „втора природа на човекот“ (Балзак), наполно сраснала и во неа се чувствува удобно како во своја кожа и, најпосле, г) таа јавност отрпнала на сè, наш израз за рамнодушноста како друго име за нихилизмот (Ками).
Која е главната порака на таа чудовишно „страхотна“ изјава Силјановска? Таа порака нè убедува дека постои знак на еднаквост а) меѓу титовизмот, ознака за политичката филозофија на Јосип Броз Тито, основачот на втора Југославија и нејзин долгогодишен претседател (1945-1980), б) меѓу онаа на Слободан Милошевиќ кој ја растури (поправо уништи!) таа втора Југославија која, едно време, уживаше чудесен, огромен меѓународен углед и, најпосле, в) политичката филозофија на Зоран Заев, кој успеа да формира влада по познатиот „крвав четврток“ од 27 април 2017, а која наиде на огромни симпатии во светот откако стави точка на долгогодишниот спор со Грција.
Што е помалку видливо во таа главна порака на Силјановска?
Многу помалку видливо е, дека, на пример, тоа што е главна одлика на политичката филозофија од која потекнуваат политичкиот стил и практика на Слободан Милошевиќ, служи тука по кус, јасен и убедлив начин да се отсликаат политичкиот стил и практика на Јосип Броз Тито кој направи една држава со огромен (подвлекувам уште еднаш!) меѓународен углед од една, и Зоран Заев, премиер на влада на една мала земја која произлезе од таа држава што веќе ја нема, кој само за една година и нешто успеа да ја извлече таа земја од калта на тешката изолација и ќорскак во кој ја фрли криминалната, десетгодишна власт на Н. Груевски од друга страна, а за која Силјановска вели дека не постоела.
Таков знак на еднаквост може да повлече некој крајно неупатен човек. Поправо, човек кој нема ама баш никаков увид во тоа кој бил Јосип Броз Тито, кој Слободан Милошевиќ, а кој Зоран Заев. Или, ако, веќе е барем малку упатен, ако знае дека разликите меѓу нив се разлики меѓу небото и земјата, дека тој го прави тоа од некои свои ниски, тешко разбирливи побуди со кои никако не може да излезе на крај, во состојба на поматена свест и замрачен ум на кои им станал роб и кој слепо ги следи нивните каприци.
Дали еден долгогодишен универзитетски професор по правни науки кој, којзнае од какви побуди, во којзнае какви околности (жолта минута?) си допушти со една „неснесителна лехкост“ (М. Кундера) да повлече знак на еднакваст меѓу политичката филозофија, стил и практика на Јосип Броз, Слободан Милошевиќ и Зоран Заев е еден човек со лош увид во тие работи? Или човек со некој вид стеснет видик, да не речам со замрачен и поматен ум? Ни едното ни другото. Тогаш што би можело да биде во прашање?
Мислам дека на тоа прашање ќе може, барем приближно, да се даде добар одговор откако, најпрвин, ќе се дадат доволно аргументи за тоа зошто е бесмислено да се постава знак на еднаквост меѓу политичката филозофија, стил и практика на Тито, Милошевиќ и Заев. Имам намера тоа и да го сторам. Барем во груби црти. Тоа и ќе го сторам во текстовите што ќе уследат. Мислам дека е неопходно затоа што таквите „страхотни“ неодговорности кои доаѓаат од уста на претседателски кандидат и згора на тоа универзитетски професор со „многу силен ум“ (автоопис на Силјановска!) не смеат да поминат туку-така.