Важни пораки за Западен Балкан од „Сараево бизнис форум 2019“

Регионот се наоѓа на крстопат и ако ЕУ го запостави проширувањето тогаш ризикува загрозување на безбедноста во овој дел од светот и враќање на националистичките сили кои ќе се обидат да ги менуваат границите.

377

Европската унија треба да го гледа прашањето за проширување на ЕУ помалку како техничко, а повеќе како политичко прашање, рече Борут Пахор, актуелниот претседател на Словенија, во своето излагање на „Сараево бизнис форум 2019“, на 17 април 2019 година.

Пахор посочи дека иднината на Западен Балкан е геополитичко прашање. Регионот се наоѓа на крстопат и ако ЕУ го запостави проширувањето тогаш ризикува загрозување на безбедноста во овој дел од светот и враќање на националистичките сили кои ќе се обидат да ги менуваат границите. Затоа, ЕУ треба да покаже поголема флексибилност. Иако консолидацијата внатре во ЕУ е примарен приоритет на Унијата, проширувањето на ЕУ треба исто така да биде третирано како прашање со висок приоритет. Со цел да се засили оваа порака, претседателот Пахор ќе иницира покренување соодветна иницијатива на планираната средба со лидерите на земјите од Западен Балкан во јуни годинава . Притоа, останува обврската на владите од регионот да ги забрзаат потребните реформи.

Ахмет Давутоглу, поранешниот премиер на Турција, зборуваше за иднината на светскиот поредок и опасноста од популистичка автократија и етноцентрични политики. Осврнувајќи се на регионот на Западен Балкан, тој посочи дека методологијата за иднината на регионот треба да се потпира на три елементи. Прво, пристапот треба да биде насочен кон визија, а не насочен кон спречување кризи. Второ, пристапот на регионот треба да биде со поглед кон иднината, а не со поглед кон минатото. Трето, пристапот на регионот треба да биде пристап базиран на вредности, а не пристап базиран на идеологија.

Како да се постигне тоа? Давутоглу истакна неколку политички принципи. Најпрвин, принципот на инклузивност, во сѐ што правиме треба да бидат вклучени сите, сите религии, сите етнички групи, итн. Понатаму, потребна е широка регионална реинтеграција. Таа треба да биде економска, политичка, културна. Треба да се однесува на слободна трговија, заеднички политики. Третиот политички принцип е заедништво во поставеноста на европскиот континент и во тој контекст улогата на југоисточното крило на континентот. Конечно, потребно е регионот да гради заеднички позиции за глобални политички прашања.

Ова се важни пораки за земјите од Западен Балкан од пријателите на регионот. Треба да размислиме, што тие всушност сакаат да ни кажат.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...