Поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ во интервју за Дојче Веле, дадено на маргините на Бизнис Форумот во Сараево, истакна дека регионот треба да ги надмине политичките бариери.
Запрашан да ја спореди моментната ситуација во БиХ со онаа пред повеќе од 30 години во поранешна СФРЈ, Месиќ истакна дека „војната воопшто не била потребна“.
– Војната заврши со повеќе од 100.000 загинати, а границите не се сменија ниту за еден милиметар. Значи оние кои сакаат своите политички цели да ги остварат преку војна, не успеаја, но оставија уништена економија, убиени, повредени… Таа војна е за секаква осуда! – изјави последниот прв човек на Претседателството на СФРЈ.
Тој смета дека „можело да се постигне еден нормален политички договор, кој би се нарекол ’орочена конфедерација’ на три до пет години“.
– Ако одеа работите – добро, ако не одеа тогаш секој на своја страна, но како пријатели, и повторно заеднички ќе настапевме, но без ниту еден загинат – додаде Месиќ.
Според него, оние кои посакувале војна очевидно успеале во тоа, но не ги оствариле своите цели.