РЕЗОНОТ НА СЛИКАРОТ ВАСКО ТАШКОВСКИ За лошата страна на добрата критика

Текстот на Васко Ташковски поентира со констатацијата: „Изгледа јас сум и ќе бидам во постојана опозиција со себе и со својата уметност.“ Ова можат да го кажат само големи автори, уметници кои создале и кои имаат уште многу да подарат за ризницата на трајните вредности.

790

Подготвувајќи го новиот број на книжевниот гласник „Синтези“, што деновиве ќе излезе од печат, имав можност да се занимавам со избор од прозните записи на ликовниот уметник, академик Васко Ташковски. Станува збор за текстови во кои се сталожени, на автентичен начин, едноставни во исказот, но длабоки во промислата, животните и творечките искуства на еден од најголемите сликари на нашето време. Овој квалификатив, еден од најголемите сликари на нашето време, го запишав без предумисла дека ќе биде сфатен како (некаква) пофалба, тргнувајќи од творечкиот опус на Васко Ташковски, од етаблираноста на тоа творештво во корпусот на дострелите на нашето време, но и врз основа на нотациите на респективната критика која се обидува аналитички да го протолкува и да го вреднува она што сликарот ни го остава како трајна уметничка придобивка.

Но, еве, наидуваме на еден краток запис на сликарот, под наслов „Пофалби“, кој овде го цитираме во целост: „Пофалбите секому му годат, и кога се искрени и кога се со друга намера. Разумот или умот има тешка задача да ги разграничи искрените од неискрените пофалби, тој треба да ја каже вистината и кога е пријатна и кога е непријатна. Пофалбите имаат своја тежина што треба да ја издржиш, на некој начин таа те обврзува да ги оправдаш. Со неискрените пофалби е тешко да излезеш на крај, бидејќи прво треба да ги откриеш дека се неискрени и да ја отфрлиш таа непотребна тежина од себе, која може да те однесе во заблуда и да ти наштети. Тоа е опасноста од неискрените пофалби.“

Овој запис датира од 2015 година, од времето на зрелата творечка фаза на Васко Ташковски. По внимателното читање на записите ќе се покаже дека „Пофалби“ коренспондира со многуте други размислувања кои влегуваат во редот на арс- поетичкиот модел, од кои овдека потсетуваме на текстовите „Робови на совршенството – лошата страна на добрата критика“ и „Плитки води“. Во првиот Ташковски потсетува дека многу негови колеги „уште од своите почетоци критиката со многу ласкави зборови, често пати неразбирливи за сите, ги издигна над нивните вистински вредности“, за да додаде: „Сега сум задоволен што критиката не ми била наклонета во моите рани почетоци, односно јас не сум сакал да одам по веќе трасираните патишта на ликовните трендови, критичарските потреби или каприци кои сакаа да ја преземат улогата на лидери на современата ликовна уметност каде што авторите трeба да бидат само нивни изведувачи“. Под индикативниот наслов „Плитки води“ Ташковски понудува извонредна метафора со одливот на морето и создавањето на малите вирчиња во кои остануваат оние кои се „лесен плен за тие што не можат да запливаат во длабочините на морето“. Метафора колку чиста, толку нејасна за зашеметените од пофалбите. Метафора за крајниот ефект на заводливоста на пофалбите и (само)залажувањето на самобендисаните.

Текстот на Васко Ташковски поентира со констатацијата: „Изгледа јас сум и ќе бидам во постојана опозиција со себе и со својата уметност.“ Ова можат да го кажат само големи автори, уметници кои создале и кои имаат уште многу да подарат за ризницата на трајните вредности.

Очигледно е дека питомата реч на Васко Ташковски носи во себе жестока вистина. Таа, меѓу другото, упатува на актуелната состојба на критиката, во сите области на уметноста кај нас, која главно е пригодна, промоторско праматарска, додворувачка, препознатлива под благиот квалификатив на Маестрото – неискрена! Таквата критика (секоја чест за исклучоците) доведе до уривање на естетските критериуми и до создавање на лажна слика на вредностите. Но, во суштина, резонот на Васко Ташковски, пред се е, условно речено, опомена за авторите. За добрите автори!

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...