Католиците денеска го слават најголемиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден. Традиционално во државава, централното одбележување по повод празникот се одржа синоќа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде имаше велигденска воскресна литургија.
Православните христијани пак, денеска го слават празникот Цветници познат уште и како Цветоносна недела и Врбица секогаш е една недела пред Велигден и се празнува во спомен на влегувањето на Исус Христос во Ерусалим, кога неговите ученици и симпатизери со цвеќе и врбови гранки, како и со својата облека му го постилале патот.
Бискупот скопски и епарх струмичко-скопски, Киро Стојанов им го честиташе празникот на католичките верници и ја прочита велигденската порака.
– Велигден е врв на празнувањето во христијанските заедници, но тоа не е само прослава на верниците, туку е моќна порака што добива космички димензии. Бог ни го откри значењето на целиот Универзум, што е најголемата димензија на материјата, нејзиното божество, а најголемиот опсег на човекот е победата над смртта и вечниот живот во таа божествена материја.
Каде што нема Бога не може да биде ни човек. Човек кој нема вера, дури и не целосна, мора да има отвореност кон оној свет со кој Бог ни излегува во пресрет. А тој свет е ново подрачје на кое сме повикани токму преку воскресението на Исус Христос. Да дозволиме тогаш Божјата сила да ни го отстрани каменот од вратата на нашите срца и нашата совест и да не осветли Христовата светлина што нѐ менува одвнатре да не лебдиме во воздухот како бесцелни суштества, туку да одиме по оваа земја како луѓе што Бог ги создал да живеат овде во љубов и вечно блаженство.
Во очекување сме на доаѓањето на Светиот Отец, папата Фрањо, на нашата татковина. Очекуваме дека оваа пасторална посета на светиот Отец е токму чин кога од гробот на нашето чувство помалку вредни и немоќни се отстранува „големиот камен“. Ако е некој повикан, тогаш тоа е папата со својот апостолски авторитет и Христова љубов да му покаже и порача на светот за вредноста и валидноста на нашиот народ и нашата земја. Во тие мисли и силна молитва: нека Воскреснатиот Христос ни ги осветли патеките на животот во нашите срца, семејства, во општеството секогаш да чекориме како синови на светлината, а не на темнината. Христос Воскресе!, рече бискупот скопски и епарх струмичко-скопски, Киро Стојанов.