Во Прилеп денеска за претседателските избори гласаат 186 болни и изнемоштени лица, како и 70 затвореници.
Сите 142 избирачки одбора навреме го добија изборниот материјал. Според претседателот на избирачкото место 1368, Јане Петкоски, гласањето тече без проблеми.
– На избирачкото место 1368 право на глас имаат 352 граѓани запишани во Избирачкиот список. Изборниот материјал го добивме навреме. Денеска гласаат болните и изнемоштените и на ова избирачко место се запишани тројца – изјави Петкоски.
Своето право на глас денеска го остварува и 87-годишната прилепчанка Менка Николоска. Вели никогаш не пропуштила да излезе и да гласа на кој било изборен циклус. Сега прв пат гласа од дома.
– Никогаш не сум пропуштила да го остварам моето право. Гласам секогаш зашто сакам да биде подобро – вели Николоска.
Во Општина Прилеп се запишани 63.989 граѓани кои своето право на глас ќе го остварат на претседателските избори.
Во Крушево ќе се гласа на 23 избирачки места, а во Избирачкиот список се запишани 7.983 гласачи. Денеска гласаат 22 болни и изнемоштени лица. Во Долнени се запишани 11.502 избирачи кои своето право на глас утре може да го остварат на 40 избирачки места, а денеска да гласаат имаат можност 23 болни и изнемоштени лица. Во општина Кривогаштани во првиот круг од претседателските избори со право на глас се 4.678 жители кои ќе гласаат на 13 избирачки места. Денеска гласаат 23 болни и изнемоштени.