ПИСМА ОД ЛОНДОН Кампирање на Марбл Арч

Првпат ме апсеа за собирање потписи за „Солидарност“. Вторпат за сликање на Министерството за одбрана во Скопје, иако немаше знак за забрането. Денеска не ме уапсија. А малку фалеше.

451

Морав да одам и да видам. „Морално“ беше. Не се случува секој ден во центарот да британската метропола да има ваква фестивалска атмосфера. Добро, има концерти во Хајд Парк, го слушав таму, меѓу другите, Џони Кеш кога на гости му дојде Пол Макартни па пееја заедно, а и ние со Кате, Ричи и Весна, истопени од задоволство, потцупнувавме и викавме: јееее. И кога голи велосипедисти возеа низ Ковент Гарден, барајќи повеќе права за ЛГБТ-заедницата, а со Бош им го беревме гајлето колку им е удобно седењето. И карневалот на Портобело роуд, на кој доаѓаат и туристи да играат во ритамот на самба и румба и кој како сака, важно да се ужива во латино музиката. И други и трети и четврти фестивали, концерти на отворено кои се случуваат во Лондон на отворено… ама вакво нешто, до сега, немало.

Протест, ама не каков што знаеме

Не беше лесно да се стигне. Некои од станиците беа затворени. Но што е тоа за искусен светски патник како мене? Уште веднаш знаев кој од моите сопатници тргнал да протестира пред лондонските институции или да одмени некој од оние што веќе пет дена се обидуваат да ги пренесат своите пораки дека конечно е крајно време владата да преземе радикална акција за заштита на човековата околина. Луѓето носеа храна во кошници и ранци, маси и столици на расклопување, шатори и чадори за сонце, вреќи за спиење. Уште тава со полнети пиперки фалеше, па…
Се пробив до центарот. Конечно, си реков, Лондон доби мост со растенија, зашто мостот Ватерло, еден од централните лондонски, беше претворен во ботаничка бавча, имаше толку многу зеленило донесено од демонстрантите. Во тек беше час по јога. Да се придружам или не? Хм, не бев соодветно облечена (изговори, изговори, слушам глас што неверојатно личи на сестра ми). Одиме понатаму. Пред парламентот, кампери. Шарени шатори од сите бои, од оние малечките. Истото и кај Марбл Арч. Тука кампот од шарени шатори се шири накај Хајд Парк. Прекрасна атмосфера. Позитивна. Жени, мажи, деца… Ги загледувам. Некои личат како да се вратиле шеесеттите, на гитарите на кои свират има налепници со знакот на мир, а има и многу жени со долги фустани и венчиња со цветови во косите. Можеме да коментираме дека модата се врти и Лондон е преполн со боени маички и долги фустани и исто така се погоди времето, вистинска пролет, како и дека хипстерите се „ин“ и се тука да останат, но тоа ќе биде промашување на темата. Зад сето ова шаренило и фестивалска атмосфера, има една мошне сериозна порака, поради која луѓето се подготвени да бидат уапсени, влечкани од полицијата за нозе и раце, да добијат полициски досиеја. И тоа разни профили луѓе. Од пекари до правници, од студенти до судии, од активисти до адвокати, од нотари до новинари. Ете, и јас се вмешав.

Побунети со причина

Движењето што веќе пет дена ги парализира главните лондонски крстосници е таканареченото Побуна против истребување. Со користење ненасилни методи, целта е да се сврти вниманието кон климатските промени, односно кон пропаста на планетата, да се запре губењето на биодиверзитетот и да се сведе на минимум ризикот на исчезнување на човештвото. Ви се чини сето ова малку претерано? Наивно дури? Сте ги виделе ли пластиките во морињата? Уништените планини? Сте го дишеле ли со години во со боја и вкус и мирис? Или тоа на некој друг му се случува? Отворете, ве молам, кој било сајт на интернет и проверете ја човекова околина денес. Ако потоа мирно заспиете, секоја чест. Или ако сте во мојата прва татковина, прошетајте низ неа и видете дали се тоа цветови на дрвјата или пластични ќеси, џунџулиња или пластични шишиња, планини или ископини, воздух или отрови…Уништувањето не им се случува „на некои тоа таму“. Ни се случува на сите нас.

Минатата година стотина академици потпишаа повик за акција со кој побараа од британската влада да преземе радикална акција, ветувајќи граѓанска непослушност и велејќи дека не се плашат да бидат уапсени и да одат во затвор за она во што веруваат дека е важно. Ова движење почна да станува сè помасовно и она што се случува деновиве е – врв на активностите. До сега.

Барањата се следни: 1. Владата мора да ја каже вистината во врска со степенот на уништување на човековата околина и да работи заедно со медиумите и граѓаните за поправање на грешките; 2. Владата мора да ги спроведе законските мерки за намалување на штетните гасови до 2025 година; 3. Да се формира Национален совет за да ги надгледува мерките.

Акција за мобилизација, сега

Визијата за промени на оваа организација е да се мобилизира барем 3,5 отсто од населението за да се обезбедат системски промени, да се обезбеди таканаречена регенеративна култура – здрава, флексибилна и која ќе учи од другите и ќе се надоградува. Ние сме ненасилна мрежа што нема намера никого да обвинува, велат, но сепак активностите се свртени кон владата и големите корпорации водени од профит, зашто тие мора да ги мрднат, хм, да кажам сликовито, задниците. Нивните членови беа оние „голи газиња“ во парламентот, дванаесетмина што се соблекоа, главно по долна облека и ги залепија газињата на стаклото од галеријата за посетители. Подоцна дознавме дека навистина ги беа залепиле со суперлепак, па мораа да бидат одлепувани „многу внимателно“. Лепењето со суперлепак беше и денес, на возовите, на импровизираниот брод пред метро-станицата на Оксфорд стрит, некои беа заврзани си синџири… важно е да се прави поента. Сериозна, зашто состојбите се повеќе од сериозни. Познатиот светски истражувач Дејвид Атенборо вели дека состојбата со планетата е катастрофална. Ама не е премногу доцна ако сега се преземе нешто. Но сега. Денес. Не утре, не задутре. Сега.

Што велат на сето ова политичарите и прозваните? Па нели земјата се соочува со брегзит и треба да работат 24/7 зашто и покрај одложувањето, има многу работа? Видете вака, тие си зедоа одмор, зашто е Велигден. Оние што се во Лондон нешто коментираат околу загубите на економијата, а чичкото што продава магнети за фрижидери за спомен од Лондон и други дребулии во стилот на маички со напис „Сестра ми беше во Лондон и сè што добив е оваа вошлива маичка“, се жали дека нема промет.

Првпат ме апсеа за собирање потписи за „Солидарност“. Вторпат за сликање на Министерството за одбрана во Скопје, иако немаше знак за забрането. Денеска не ме уапсија. А малку фалеше. Да нарачам ли маичка „Сестра ми беше во Лондон, протестираше (за малку ќе ја уапсеа), а јас ја добив оваа прекрасна маичка“? На чичкото можеби ќе му тргне работата. Политичарите ќе мора да мрднат со… знаете што. А за мојата маичка? Многу текст, велите? Па видете, не сум толку малечка. Плус, ако сака човек нешто да собере, се собира.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...