– Вкупно 3.150 домашни и 419 странски набљудувачи, како и 20 странски новинари го следат гласање за претседателските избори во земјава, нагласи Гугуческа и потсети дека право на глас имаат 1.808,131 граѓани, а во 32-те дипломатско конзуларни претставништа се пријавиле 1.781 гласач.
Портпаролката на ДИК информира дека денешното гласање во затворите се одвива непречено и до 10 часот правото на глас го искористиле 22 проценти.
-Во 13 КПУ право на глас имаат 1.640 лица. Сите места се отворени на време и гласањето тече без никакви проблеми, истакна Гугуческа.
Прв пат за претседателските избори се гласа и во два старечки дома, и притоа 71 лица имаат право да искажат својата поддршка.
Новина е и тоа што за граѓаните со оштетен слух ДИК го отвора телефонскиот број 076/488-360 на кој преку видео повик ќе биде одговорено секое прашање.
– Ги потсетувам граѓаните дека на 0800 555 444 ќе може да се јават да постават прашање во врска со гласањето, рече Гугуческа.
Следната прес-конференција ДИК ќе ја оддржи вечер во 20 часот и на неа се очекува да бидат соопштени до тогаш сумираните гласови од дојаспората во Европа и Австралија како и од затворите.