Јонкер: 240 набљудувачи се рамномерно распоредени низ државата

Доколку се појават проблеми во текот на изборниот ден, бараме од кандидатите односно од политичките партии да нѐ известат за тоа. Нашиот главен експертски тим во Скопје, заедно со нашите долгорочни набљудвачи во соодветни места на набљудување, ќе направат проверка, вели Јонкер.

53

Меѓународната набљудувачка мисија за изборите ОБСЕ/ОДИХР вкупно ќе вклучува 240 набљудувачи. Tие ќе бидат распоредени рамномерно насекаде низ државата, со цел да се овозможи репрезентативен и непристрасен примерок, врз кој ќе ги дадеме нашите оценки, вели во интервју за МИА, шефицата на Мисијата за набљудување на претседателските избри на ОБСЕ/ОДИХР Корин Јонкер.

Јонкер ги повикува кандидатите и политичките партии да ја известат Мисијата доколку во текот на изборниот ден се појават конкретни проблеми.

Во интервјуто за МИА, Јонкер не сака да дава предвремени оценки за денот на изборите, и како што вели, тие се тука за да набљудуваат и да известуваат за тоа што ќе го согледаат.

Мисијата на ОБСЕ-ОДИХР како што првично најавивте, ќе ги покрива претседателските избори со 279 набљудувачи. Дали сите пристигнаа во земјава?

– Меѓународната набљудувачка мисија за изборите вкупно ќе вклучува 240 набљудувачи. Мисијата се состои од различни групи на набљудувачи –краткорочни набљудувачи испратени од земјите-членки на ОБСЕ, и тие се најголемата група што е составена од 150 набљудувачи. Тие пристигнаа во земјава во средата, и ќе бидат брифирани денеска и утре. Нас исто така ќе ни се приклучат и две парламентарни собранија, Парламентарното собрание на ОБСЕ и Парламентарното собрание на Советот на Европа. Тие вклучуваат вкупно 60 набљудувачи и ќе бидат брифирани денеска и во сабота наутро пред да бидат распоредени низ државата сите набљудувачи. Заедно со нашиот главен тим од експерти и долгорочните набљудувачи, кои пристигнаа во земјава пред околу четири-пет недели, ќе имаме 240 набљудувачи, како што споменав на почетокот.

Каде ќе бидат распоредени? Дали има критични места за кои сметате дека треба да има посебно внимание?

– Набљудувачите ќе бидат распоредени низ целата земја, со цел да обезбедат избалансиран пристап за она што се случува во државата како целина. Се обидуваме да овозможиме да ги посетиме местата по случаен избор, со цел што е можно повеќе тоа да ни овозможи репрезентативен и непристрасен примерок, врз кој ќе ги дадеме нашите оценки. Доколку се појават проблеми во текот на изборниот ден, бараме од кандидатите односно од политичките партии да нѐ известат за тоа. Нашиот главен експертски тим во Скопје, заедно со нашите долгорочни набљудвачи во соодветни места на набљудување, ќе направат проверка, со цел да добиеме јасна слика за конкретниот проблем.

Во периодичниот извештај на Мисијата наведовте неколку забелешки, во однос на прерано почнатата изборна кампања, и негативните родови стереотипи. Дали во овој меѓупериод имате и други забелешки за кампањата?

– Како што наведов во периодичниот извештај, законот не овозможува јасни насоки за тоа што е дозволено и што не е дозволено за кандидиатите во врска со нивните активности пред почетокот на кампањата. Ним им беше дозволено да водат кампања додека не бидат регистрирани за претседателски кандидати, потоа ги запреа активностите до 1 април, до официјалниот почеток на кампањата.

Во исто време, на политичките партии што ги поддржуваат кандидатите им беше дозволено да ги извршуваат своите редовни активности, како што тоа и го правеа. Дури имаше и телевизиска дебата меѓу господинот Заев и господинот Мицкоски, во која ги поддржуваа своите кандидати и ги критикуваа опонентите.

Во однос на родово базираните негативни стереотипи, споменавме дека госпоѓата Силјановска-Давкова добиваше негативни коментари за нејзиниот изглед. Сметаме дека ваквите коментари се несоодветни и ирелевантни во изборна кампања.

Дали кампањата Ви навестува каков ќе биде денот на изборите?

– Не сакаме се уште да даваме предвидувања за изборниот ден. Меѓународната набљудувачка мисија за изборите тука е да набљудува и да известува за тоа што ќе го видиме. Затоа не сакаме да се мешаме во процесот на кој било начин, или пак прерано да даваме изјави.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...