Тројцата претседателски кандидати Блерим Река, поддржан од Алијансата за Албанците и Беса, кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова и Стево Пендаровски, кандидат поддржан од СДСМ, вечерва на ТВ21 се соочија на завршна телевизиска дебата пред првиот круг од претседателските избори.
Кандидатот Река рече дека кампањата на Силјановска и на Пендаровски била фер кон него, и оти ги цени неговите противкандидати и нема забелешки за нивните кампањи. Тој, меѓутоа, ги обвини ДУИ и ДПА за водење хибридна војна против него и неговото семејство.
– Јас мислам дека двајцата имаат многу позитивни работи. Јас ги ценам. Како што рековме и првиот ден, не ја сметам оваа кампања како трка на живот или срмт, туку како презентација на три концепти. Кампањите на двајцата противкандидати беа многу фер и немам никаква забелешка – рече Река.
Силјановска рече дека оваа кампања ќе ја запомни по билбордот поставен против неа.
– Ветив и се држам до тоа дека нема да настапувам ад хоминем. Оваа кампања ќе ја запомнам засекогаш по нешто, по еден билборд што не само што е синоним за валкана кампања, туку за сталинистичка, досега не сум видела билборд на кој му се обраќате на противкандидатот. Дури и во првичниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР стои во извештајот за напади врз мене. На напади беше изложено и моето семејство директно од новинари, го следеа нивното движење, што е спротивно на Европската конвенција за човекови права, рече таа.
Пендаровски на тоа одговори да им служи на чест на тие што правеа валкана кампања. Тој рече дека ги почитува двајцата и како професори и како интелектуалци.
– Немаше никакви валканици од нив кон мене, еве сме на последен ден од изборната кампања. Овој витешки однос ќе остане меѓу нас и подоцна и кога нема да се занимаваме со политика, рече Пендаровски.
За Пендаровски непотпишувањето на законите изгласани со двотретинско мнозинство во Парламентот од страна на Иванов е скандалозно.
Тој запраша „Што ќе остане од владеењето на правото, ако претседател не ги почитува законите и Уставот“.
Според него, Иванов се повикал на апсолутно вето, и оти нема право на непотпишување ако по вторпат е даден во процедура донесен закон за потпишување.
Река истакна дека кога ќе стане претседател сигурно нема да се стави над двотретинското мнозинство во Парламентот.
– Не можам да го импонирам моето приватно мислење како претседателско мислење. Кога пратениците изгласале еден закон не можеме лесно да го вратиме. Со вакви компетенции не му личи на еден претседател да блокира една држава. Претседателот на Собранието ја изврши својата законска процедура, треба да се прецизира овој член на Уставот и да не дојдеме до ситуации на парализа на системот, додаде Река.
Тројцата кандидати во дебатата останаа на исто мислење дека Иванов нема право да потпише укази за помилување, без да има таква иницијатива од Министерството за правда.
– Без да се иницира постапка од Министерството за правда, претседателот не може ниту да започне, ниту да заврши постапка за помилување и во тоа ја гледаме злоупотребата кога се помилуваа 56 луѓе со што се предизвика голем народен бунт, рече Пендаровски, додавајќи дека не треба да се помисли претседателот да дава такви помилувања.
Силјановска смета дека Иванов не е во состојба да помилува.
– Претседателот може да помилува само во согласност со Закон. Во моментов тоа е не можно затоа што сме во изборна камапања и целата постапка мора да оди само преку Министерството за правда, рече Силјановска.
Река истакна дека е противзаконско и противуставно претседателот да помилува, и оти не знае дека Министерството за правда има поднесено иницијатива. Тој додаде дека поради тоа ова прашање го смета за безпредметно да се коментира.
– Конечно треба да го тргнеме своевоелието на преседателот кој мисли дека државата е негова, затоа се залагам за република, а не за култ на личноста која ја имавме пред 40 години, оцени Река.
Претседателските кандидати претходно се соочија нa четири телевизиски дебати.