Министерот за одбрана на Грција, Евангелос Апостолакис изрази загриженост поради купувањето на рускиот систем за противвоздушна одбрана С-400 од страна на Турција, пренесува грчкиот весник „Катимерини“.
Апостолакис во телевизиско интервју за ТВ Опен истакна дека набавката на системот С-400 од страна на Анкара целосно ќе го промени системот на контрола на воздушниот простор над Егејот.
Истовремено, тој ја нагласи и потребата на Грција да набави американски авиони од типот Ф-35 или други за да ја зајакне својата противвоздушна одбрана.
Турција, како што рече, секогаш тврди дека има проблеми со своите соседи, Европската унија и САД.
– Грција не е првиот проблем на Турција – рече Апостолакис, укажувајќи на своите добри односи со турскиот колега кои ги опиша како „искрени“ во наоѓањето начини за намалување на тензиите во Егејот.
Апостолакис рече дека не се плаши од евентуален воен инцидент во Егејот помеѓу двете земји.
– Ако не направиме грешка, тоа нема да се случи – рече грчкиот министер за одбрана.
Во меѓувреме, американскиот Стејт департмент соопшти дека Вашингтон не ја променил својата политика во поглед на намерите на Анкара да набави руски систем С-400 и дека нема да остане рамнодушен ако членките на НАТО купуваат оружје од неговите противници.
Реагирањето на грчкиот министер следеше откако портпаролот на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, Ибрахим Калин изјави дека се надева дека Анкара ќе успее да најде начин да ги избегне санкциите поради набавката на рускиот С-400.
– Ако дојде до тоа, тоа се санкции што ги предлага американскиот Конгрес и ние очекуваме од претседателот Доналд Трамп да ја искористи својата моќ и да го отфрли таквото барање – рече Калин.