РЕЦЕНЗИЈА „Напуштајќи ја Недојдија“ или – Мајкл е лош, вајстина лош!

Идејата на филмот е всушност тебе (на гледачот) да ти биде досадно, мачно и без никакви „керефеки“ да се соочиш со луѓето кои седат, те гледаат и ти зборуваат работи кои буквално се страшни, некако те тера да се соочиш со тоа, да не зборуваш во некакви медицински поими, или во некакви „правни“ форми, туку буквално да го гледаш човекот, да го гледаш детето од седум години кое ти вели дека му било речено да се соблече, да го рашири задникот. додека тој мастурбира на другата страна од креветот. Е, тоа е педофилија!

632
Фото: EPA/Dingena Mol

Ќе пишувам за една мачна тема која се одвива во два дела: човечка и уметничка. Ќе пишувам за документарниот филм во два дела на HBO продукција, филм што трае преку четири часа и се вика „Напуштајќи ја Недојдија“ (Leaving Neverland), во режија на Ден Рид.

Во овој филм се зборува за педофилија, изворно документирани коментари за луѓе кои се злоставувани од страна на поп-иконата Мајкл Џексон. Значи, ќе пишувам за документарниот филм кој предизвика многу внимание, а и во самата HBO е еден вид на исчекор во „продукциска“ и „општествено-политичка“ смисла, затоа што се вози на тој добро познат бран #МеТоо филмови. Од друга страна, овој филм предизвика многу полемики, коментари, разговори, тужби и одбрани од страна на фановите на Мајкл Џексон, и од страна на неговата фамилија, која, после објавувањето на овој филм, направи своја документарна филмска одбрана (го има на Youtube), која се вика „Недојдија од прва рака: Истрага за документарецот на Мајкл Џексон“ (Neverland Firsthand: Investigation the Michael Jackson Documentary).

Имено, за оние кои живеат „под јорган планина“, да кажеме дека филмот се занимава со исклучителната исповест на двајца мажи (Џими Сејфчак и Вејд Робсон), кои додека биле деца, едниот на седум, а другиот на девет години, што значи во некоја низа од седум години, биле интимно блиски, или како што тоа Мајкл Џексон го нарекува, „најдобри другари“, што од друга страна премногу очигледно ни докажува дека ова се „само двајца“ од поголемиот број деца кои биле сексуално злоставувани од кралот на попот.

Клучниот детаљ се состои во тоа што овие двајца (Џими Сејфчак и Вејд Робсон) немаат со што своите сведоштва да ги поткрепат, па денес тоа создава правен проблем, а од друга страна овие два сведока денес се во правна борба за плаќање отштета поради злоставување.

Премногу „исполкирано“ за да се поверува

Пред да почнам да го гледам филмот, јас немав никаков став. Се однесував како еден вид „неинформиран лаик“, притиснав на плеј и почнав да гледам. Сакав, барем тоа ми беше намерата, филмот да ми објасни, како кога сте кај психијатaр, па на почеток велите „не знам“, па потоа влегувате во психоанализа. Сакав филмот да ми изгради став, а потоа натаму сам да истражувам. Во суштина, мислам дека е ужасно важно да се каже: секој оној што е злоставуван од страна на Мајкл Џексон треба да добие правна, а не финансиска сатисфакција. Дури мислам дека финансиската сатисфакција е потполна глупост и мислам дека секој оној што злоставува деца треба да се најде зад решетки. Но, да одиме со ред.

Најпрво сакам да кажам дека Мајкл Џексон е нарушена личност. Сиот тој замок, сета таа опскурна и мегаломанска територија „Неверленд“ е толку многу погрешно место поради милион причини, а овие двајца сведоци, како што изминуваше филмот, и како што сѐ повеќе беа експлицитни и експлицитни во своето сведочење – дури немам никаков проблем со режисерскиот „графички опис“, тоа ми беше донекаде одвратно – но велам, како што се редеше и нивната фамилија која нѐ убедуваше во злоставувањето, филмот почна да ми заличува на една продукциска (полу)играна форма, а не документарна, што ми дава за право да мислам дека Мајкл Џексон комотно може да биде злоставувач на деца, но не и на овие деца. Односно, на овие луѓе кои во филмот сведочат.

Од друга страна, навистина е непријатно кога некој е мртов, па не може да му се суди, што значи дека не мислам дека не требало да се направи овој документарец, ама како што филмот се ближеше кон крајот, мене двајцата сведоци сѐ повеќе ми одеа на нерви и чувствував помалку емпатија отколку на самиот почеток. Мислам дека за ова мое чувство самата продукција беше виновна, со сите оние сведоци-мајки, тетки, сестри и останата роднина, а беше виновна затоа што добив впечаток дека сѐ е „навежбано“, и мислам дека многу пати е повторено, односно мислам дека не е сѐ така снимено од прв обид. Не велам дека некој ги присилил да го кажат тоа што не било – не, ама толку многу ми изгледаше „исполирано“, што едноставно престанав да им верувам. Ви велам, не затоа што не е возможно тоа да се случи, мене нивните одговори, мене нивните реакции ми делуваа ужасно навежбано, така што од друга страна тоа не ја намалува трагедијата дека се жртви на сексуално злоставување од еден ужасно популарен и финансиски моќен човек. Ама сепак, некои сентенци од нивните сведоштва ми одеа на нерви.

Филм тежок за гледање – во тоа е „вицот“

Од друга страна, јас како клинец го имав албумот „Трилер“, го имав албумот „Бед“ на касета, тогаш сѐ уште бев во основно училиште, па сите ја преснимуваа таа касета, одеше „од-рака-на-рака“, но во суштина јас никогаш не го сакав Мајкл Џексон. Отсекогаш ме нервираа тие кукли, таа шминка, тој глас, таа музика, и некако доста рано го напуштив. Ама никогаш, никогаш немав сомнеж дека тој злоставувал деца. Добро, во деведесеттите не го следев доволно бидејќи имав поважни работи, но сепак имав „Ем-ти-ви“, знам кога беше првото судење со Меколи Калкин од „Сам дома“, неговиот последен „близок другар“, ама ви велам, никогаш не ми паѓаше на памет дека сето тоа околу Мајкл не е точно. Дури мене отсекогаш тој човек ми делуваше како апсолутен фрик и болесник, и да бидеме начисто, тоа не ми беше клучно за да ме одбие неговата музика, ама таа дискрепанца помеѓу неговата телесност, посебно во спотовите, таа кореографија која е сексуализирана на еден мачо глупав начин; посебно неговата слаба фигура, без никакви облини, едноставно отсекогаш ми беше гадно да гледам деца кои играат и се фаќаат за „онаа работа“ само затоа што тоа е дел од кореографијата.

Во тоа време, раните деведесетти, јас не бев нешто посебно политички освестен, ама секогаш ми беа гадни тие спотови во кои Мајкл секогаш брка некоја женска, нешто ја зафркава, тргнете од самиот „Трилер“, ги навлекува девојките на гробишта… Сакам да кажам дека има премногу спотови во кои тој се наметнува како мачо фраер, а со тоа негово „гласче“ и со таа негова „пискава“ музика, ви велам, отсекогаш гадно ми било. И признавам, не сум некој што сака поп-музика.

Овој документарен филм го погледав едвај, многу мачно, единствен љубопитен порив ми беше тоа што е важен во светската култура, сите зборуваат за филмот, најважните светски медиуми ја третираат и пишуваат за темата од филмот „Напуштајќи ја Недојдија“. Но, навистина, нема што тука да се каже: филмот навистина е тежок за гледање. Сведоштвата на Џими Сејфчак и Вејд Робсон се стравични, потоа се испеглани, што од друга страна може тоа не е фер кон овие луѓе кои собрале храброст пред камери да ја кажат својата вистина. И според некоја претпоставка, овој филм можеби ќе им донесе некои финансии и популарност, но не верувам дека ќе им направи некоја правна услуга или сатисфакција.

Во филмот ми се допадна што режисерот избира таков „исчистен тон“, потоа ми стана досадно, а потоа сфатив дека идејата на филмот е всушност тебе (на гледачот) да ти биде досадно, мачно и без никакви „керефеки“ да се соочиш со луѓето кои седат, те гледаат и ти зборуваат работи кои буквално се страшни, некако те тера да се соочиш со тоа, да не зборуваш во некакви медицински поими, или во некакви „правни“ форми, туку буквално да го гледаш човекот, да го гледаш детето од седум години кое ти вели дека му било речено да се соблече, да го рашири задникот додека тој мастурбира на другата страна од креветот. Е, тоа е педофилија!

Сите буквално знаат сѐ и сите молчат – монструозно!

Во првиот дел од документарецот, во првите два часа, сфаќам дека тие не се идеални жртви, затоа што во некоја смисла трагедијата на овие две деца всушност е шоу бизнисот. Практично, нивните мајки се нивната трагедија. Всушност, овој филм е за мајките на децата, а не за Мајкл Џексон, туку за мајките-монструми. На нив ќе се вратиме подоцна. Имав некои слики во глава, а овој филм тие слики ми ги потврди: таа чудна и бизарна опкруженост на Мајкл со тие деца. И тој замок „Недојдија“, тоа е толку ужасно погрешно место на многу начини. Потоа почнав да ги истражувам интервјуата на режисерот, сакав да проникнам во неговата идеја за филмот. Сфатив после некое време што е неговиот уметнички проект, затоа што тоа не е репортажа, добро, тоа е документарен филм, ама сепак е филм, значи тоа не е новинарска репортажа, режисерот не е новинар, и тој нема никаква одговорност било кому било што да докажува.

Режисерот Ден Рид одлучил да им даде шанса на двајца луѓе да ја раскажат својата приказна, својот живот и своите трауми, како и да го објаснат своето непосредно опкружување без никакво објаснување. Што значи, режисерот нема наратор, не те наведува на било што, нема поттекст, нема натпис, туку само говор, сведоштво за самиот ти да си заклучиш какви жртви се всушност тие. Односно што сѐ треба за да ти се случи за на таков начин животот да ти се растури на парчиња.

Критиката до режисерот е следна (овие се најчестите поставувани прашања): „Од каде мислите дека овие луѓе ја зборуваат вистината“? Режисерот на тоа одговара: „Која е вашата причина да не им верувате“? На тоа новинарите одговараат: финансиска природа. На тоа, пак, режисерот вели: „Кога некого изложувате на таков начин да зборува против Мајкл Џексон, тоа може само проблеми да донесе, а не финансии и ангажман“. Во Америка, вели режисерот, има сто пати побезболен начин да се заработат пари, отколку на ваков начин. Очигледно е дека овие луѓе можеа да го обвинат за злоставување многу порано, ама исто така очигледно е дека сево ова морало да созрее во нив. Исто така, очигледно е дека позади Мајкл стоела цела една машинерија која ги прикривала трагите, бидејќи толку многу години го заштитувала. Од секретарки, до чистачки, до чувари… Никој ниту да рече, „еј, овој човек спие гол со деца во кревет и јас во тоа нема да учествувам“. Никој ниту да писне. Е, тука доаѓаме до семејствата на тие деца, што значи дека семејствата ги „кастувале“ за во домот на Мајкл Џексон. Дури и во некоја смисла, родителите на тие деца го усмерија неговиот сценски настап, го одредија и го дефинираа ако сакате, од кој Мајкл Џексон ќе заработува најмногу пари.

Трчаат премногу деца на сцена само за да се замаскира тоа „едно дете“ кое е милениче на Мајкл во тој момент. Тие, семејствата, доведуваа болни деца, ја дренираа јавната свест дека Мајкл е филантроп или не знам што, а сето тоа морало некој да го организира, некој морал да ги доведе децата. Па, последното дете кое го тужеше Мајкл беше болно од рак. Па сега прашувам, ако дете болно од рак го тужи Мајкл за злоставување, која е неговата причина да лаже?

Од друга страна, некој може да каже, слушај, Мајкл не е осуден. Па се разбира дека не е осуден затоа што нема „жешки“ докази, и очигледно е дека Мајкл страшно внимавал до такви докази никогаш да не се дојде. Самиот сведок во филмот вели дека кога тој оди да ејакулира, оди на другиот крај од креветот. Првиот пат кога се обидел со анален секс со едно од дечињата, па го раскрварил, го повикал шоферот да го одведе дома, да ја измијат таа крв, и никој не се прашува дали тоа е во ред или не, а сите сѐ знаат. Сите, буквално сите сѐ знаат. Сите, буквално сите се потсмеваат на куклите во домот на Мајкл, за тоа се направени и серии „Векоу-Џекоу“… Никој да рече, „Ало, бре, тоа се само деца, еј…“! Монструозно!

Мајкл страшно внимавал да не постојат физички докази, ДНК, итн. Затоа не може да биде осуден толку лесно. Особено ако им го испере мозокот – како што им го пере – на тие жртви кои ќе сведочат. Најголемиот проблем е тоа што сѐ било перфектно чисто. До најситен детаљ се затскривале сите физички докази. И тука Мајкл успева да се извлече, како во раните деведесетти, така и после 2005 година кога веќе беше на залезот на својата кариера.

Најгрозни се мајките-менаџерки

Во средината на осумдесеттите Мајкл Џексон влегува во некоја лична фобија: носи маска, го менува својот личен опис, носи ракавици, никогаш ништо не допира, освен децата. Ама и децата ги допира на начин што не смее да остане никаква физичка трага. Мајкл за своето злосторство позади себе има цела една машинерија затоа што се плаши дека ќе остави ДНК-а, па во таа смисла носи ракавици, маски… Што значи дека целиот свој живот го моделира спрема тоа, а не го моделира неговиот карактер и неговото однесување. Тој лично го пренасочува својот живот така што секогаш ќе изгледа како млад дечко кој ќе се качува на дрво и ќе ги сака децата.

Во документарецот најгрозното нешто ми беа мајките. Јас не знам што е тоа што мене би ме натерално моето дете да си го оставам после четири часа да спие со некој чичко или тетка, сеедно, во кревет затоа што тој некој е страшно возбудлив и популарен. Мене ми е јасно дека тоа е шоу бизнис, јасно ми е дека тоа е Холивуд, ама од друга страна овде околностите ги прават мајките. Добро, не велам дека не се виновни и татковците, ама сепак, овие се „стејџ-мадерс“, овие се мајки-менаџерки.

Од самиот почеток, и како овие мајки се фрлени во приказната, факт е дека на овие жени не им е добро за тоа што го зборуваат, и не мислам дека тоа не е искрено затоа што после 10-15 минути ти сфаќаш најдиректно, а сфаќаш и некаде во третиот час, па дури сфаќаш и во четвртиот, една од мајките вели: „Скокав од среќа кога слушнав дека Мајкл умре“.

Сакам да кажам дека мајката не знае ништо, туку во филмот зборува и сведочи на начин за тоа што само во текот на времето го мисли. Ја фаќа режисерот „на цака“, а тоа се мали трикови на режисерот во самото сиже, ама како што и погоре реков: мајките ја рефлектираат сопствената вина, затоа што кој е тој што ќе ве натера, па макар се работело и за комшиско дете, да го оставите со непознат човек во кревет. Притоа, не се работи само за непознат човек, се работи за фрик, се работи за ненормален човек. А ти, како мајка, имаш амбиција од тоа дете, и затоа тој тебе те купува со подароци, со некаква иднина, кариера, ти купува дури и куќа, итн. И ти некаде ги голташ тие лаги свесно, затоа што во крајна линија си љубоморна на тоа дете.

Уште во првиот час од документарецот се гледа дека тие се дружат фамилијарно. Мајкл Џексон доаѓа во некоја куќа на некој чистач, ѓубретар, за потоа мајката да му ги пере алиштата, па потоа спие кај нив, со денови седи кај нив, зборува со сите преку телефон на ист начин како што зборува и со мајката, а подеднакво зборува и со синот. Премногу е очигледно: гледаш дека мајките се заљубуваат во тој човек, на некој сосема поинаков начин. И тука се гледа како Мајкл оперира: прво ќе ѝ се вовлече на цела фамилија под кожа, затоа гестот на кралот на попот е монструозен: телефонирање, факсови, вечери, скапи подароци, ветување за кариера… Има една слика: Мајкл седи на софа, до него седат мајката, таткото, синот и сетрата. Сестрата е аут бидејќи не е во игра, таткото исто така, на малиот му е досадно, само Мајкл и мајката се sверат во некоја снимка од детето кога било мало, за потоа во филмот да ни се објасни дека мајката го отпишува од училиште затоа што Мајкл ќе го турка во шоу бизнис.

Првиот впечаток на мајките за „Неверленд“ е тој дека се работи за огромен имот, дека имало прекрасен вински подрум со премногу луксузен шампањ, па вели дека „јас тоа многу го сакав“. И веднаш разбираш: се работи за „седукција“ (заведување). Заведена е мајката од луксузот на Мајкл.

Да се погледнат и филмот и „контрафилмот“

Мајкл Џексон е најпродаваниот уметник на светот, тој е најпознатиот уметник, воедно тоа го конституира и како најголемиот глобален селебрити на светот. Поголем од Еливс, поголем од сите. Таа цела продукција од плочи те турка всушност да сфатиш дека тој човек е поголем од самиот живот, а ти истовремено таква личност познаваш, му веруваш, а на крајот, тој човек го има твоето дете. Тоа всушност е вина на еден глобален спектакл кој од тоа влече пари.

Во филмот, а тоа најмногу ми се допадна, режисерот им дозволува на мајките да се дотераат, односно им дозволува на мајките да се прикажат како се всушност во својата изворна природа. Покрај сите трауми од своите деца, тие сѐ уште се гладни за слава, гладни за покажување. Несомнено е дека тие страдаат од тоа што го направија, ама исто така несомнено е дека филмот ни дава до знаење колку многу тие учествуваат во траумите на децата. Не знам кој го гледал филмот, а да не рекол „овие мајки на колец“?!

На крајот, сакам да кажам дека треба да се погледа филмот „Напуштајќи ја Недојдија“, сами да откриете дали Сејфчак и Робсон ја зборуваат вистината? Каква е улогата на мајките? Треба ли да се гледа ако се сомневате во нивната приказна? Но, исто така, без разлика колку е арбитрарен, погледајте го од половина час и филмот што претставува одговор на фамилијата на Мајкл Џексон со име: „Neverlend Firisthand: investigation the Michael Jackson Documentary“.

Насловна фотограгија: EPA/Dingena Mol
Фотографии во текстот: Pixabay.com

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...