И СЈО и ОЈО ги истражуваат новите „бомби“ пуштени на слободен пазар

853

И Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и редовното ќе се занимаваат со новите „бомби“ кои вчера одекнаа на руската социјална мрежа vk.com, најавуваат од двете институции.

Согласно своите надлежности и МВР учествува во истрагата.

Четирите аудио сними се објавени од профил со псевдоним „Илија Громовник“, а од Основното јавно обвинителство (ОЈО) во Скопје велат дека ќе испитаат сѐ што е поврзано со вчерашното објавување.

Од СЈО, пак, најавуваат дека ќе ги анализираат содржините на овие материјали, но тврдат дека нема никакви шанси тие да протекле откај нив.

– Гарантираме дека материјалите не се излезени од кај нас. Ние ги чуваме со највисок степен на заштита – велат оттаму.

Аудио-снимки, но на Јутјуб и други социјални мрежи, се објавуваа и порано, а од СЈО изминатите години вршеа претреси за да пронајдат нови „бомби“ кои се наоѓаат на „слободниот пазар“. И пронајдоа, дури над 100.000 фајлови, како што се споменува во еден од шестмесечните извештаи кои редовно ги објавува специјалната обвинителка Катица Јанева.

Но очигледно е дека сѐ уште постојат „слободни“ снимени телефонски разговори, бидејќи два дена пред вчера објавените четири снимки, на истата мрежа биле објавени уште два други разговори.

На 5 април, пак, на трибина во Прилеп, јавно беа пуштани аудио-снимки, а настанот се пренесуваше во живо на Фејсбук. На тоа видео, како говорник можеше да се забележи Љупчо Палевски. Тој и уште две други лица од Прилеп и од Битола, тогаш беа задржани во прилепската полиција, а МВР најави и кривични пријави за неовластено прислушување и тонско снимање.

За овој случај, прашавме и во Обвинителството, а оттаму велат дека прилепските обвинители веќе го истражуваат случајот, обезбедиле дел од доказниот материјал кој се анализира и вештачи.

Истрагите и за инволвираните во настанот во Прилеп, како и за анонимецот „Илија Громовник“ треба да покажат дали има некаква поврзаност меѓу двата случаи.

Како што објавивме вчера, според нашите информации „бомбите“ објавени вчера потекнуваат од истиот извор од кој потекнуваат и прислушуваните разговори кои, своевремено, беа емитувани на социјалната мрежа Фејсбук, од лажниот профил „Никола Тесла“. Ваквите појави се казниви со Кривичниот законик.

А, ако ова се „бомби“ кои потекнуваат од нелегалното прислушување во периодот од 2008 до 2015 година, тогаш нивното објавување е забрането и според Законот за заштита на приватноста, донесен во 2015 година.

Со овој закон се забрани поседување, обработка и објавување на сите нелегално снимени разговори, вклучувајќи и нивно користење во изборен процес. За оние разговори кои се приватни, предвидена е и затворска казна до една година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...