После 19 месеци чекање во руски затвор на судење за „екстремизам“, Денис О. Кристенсен, Јеховин сведок од Данска, кој беше притворен поради неговите верски убедувања, кон крајот на годината доби неочекуван подарок од претседателот Владимир Путин.
Претседателот соопшти дека прогонот на луѓето поради нивните верски убедувања е „целосна глупост“ и оти тоа мора да престане. Но, наместо да запре кампањата која се водеше против Јеховините сведоци во цела Русја, изјавата на претседателот доведе до уште повеќе апсења; Кристенсен беше осуден на шест години затвор, а во новите извештаи се наведува дека група верници се наоѓаат во Сибир, каде што се изложени на мачење.
Расчекорот меѓу она што го зборува Путин и она што навистина се случува во Русија го отвора фундаменталното прашање за природата на неговото владеење по повеќе од 18 години: дали тој навистина е семоќен лидер? Или е на врвот на земја која оди кон пропаст, систем кој повеќе се заснова на чудните и често подмитливи пресметки на бирократијата и групите на интерес отколку на диктатот на Кремљ?
Екатерина Шулман, политиколог од Москва и членка на советот за граѓанско општество и човекови права на Путин, вели дека неговото влијание се преувеличува.
– Оваа земја не е негово лично царство, туку огромна бирократска машина со која е тешко да се управува, со свои внатрешни закони и принципи – вели Шулман. – Често се случува претседателот да каже нешто, а потоа да се случи спротивното, или ништо да не се случи.
Бирократските и политичките сили ја поддржуваат, но и ја саботираат неговата моќ: тајните служби, Руската православна црква, олигарсите, локалните функционери и други.
– Системот е нефункционален – вели Ендрју Вуд, поранешен британски амбасадор во Москва. – Невозможно е еден човек да контролира сè.
На западњаците кои се навикнаа да го гледаат Путин пред камера додека од него зрачи наредбодавност, ваквите изјави можат да им звучат неверојатно.
Многу проекти кои ги поддржа рускиот претседател, како што е изградба на мост кој би ги поврзувал Русија и Кина, но и автопат меѓу Москва и Санкт Петербург, не се завршени. Изградбата на центар за лансирање ракети во источна Русија, кој Путин го претстави како „еден од најголемите и најамбициозни проекти на модерна Русија“, трае многу подолго отколку што беше предвидено, поради корупција и штрајкови на неисплатени работници.
Од кабинетот на државниот обвинител е соопштено дека за време на реализацијата на проектот се украдени повеќе од 150 милиони долари, затоа што повеќе од илјада луѓе направиле повеќе од 17.000 правни прекршоци.
Неусогласеноста на зборовите на Путин со она што навистина се случува во системот повторно се најде во центарот на вниманието откако полицијата во Москва го уапси Мајкл Калви, американски основач на еден од најстарите и најголемите инвестициски фондови фокусирани на Русија, поради обвинение за измама. Неговото апсење не беше во согласност со изјавите на Путин дека Русија мора да привлече странски инвеститори и да ги спречи полициските сили да се мешаат во деловните спорови.
Царот Николај Први знаел каде се границите на неговата моќ: „Јас не владеам со Русија“, се жалел тој. „Туку со 30.000 свештеници“.
Разликата е во тоа што сега, додаде Екатерина Шулман, има повеќе од милион и пол „свештеници“ односно бирократи.
– Голема илузија е дека единственото нешто што треба да го направите е да стигнете до лидерот, да го натерате да слуша и се ќе се смени – рече таа. – Работите не функционираат така.
– Култот на Путин на врвот на семоќна „вертикална моќ“ е мит. Тоа не постои – вели Марк Галеоти, британско-руски експерт.
Наместо тоа, додаде тој, Путин е „модел кој ни овозможува сите да создадеме свој Путин“, семоќен, макијавелист или како оној што се бори да го одржи разнишаниот систем.
Во својот говор за состојбата на нацијата во февруари, Путин повторно ја истакна потребата на деловните луѓе да им се дозволи слободно да работат. Иако и во претходното обраќање кон народот го побара истото, како што рече, призна дека „за жал ситуацијата не е многу подобра“.
– Правилно спроведена диктатура изгледа многу поинаку од ова – заклучи Галеоти.
ФОТО: EPA / ALEXEY NIKOLSKY / SPUTNIK / KREM