Последниот спот на кој претседателските кандидати Гордана Силјановска Давкова и Блерим Река во интервју за „Другата страна на политиката“ одговараат на исти прашања, предизвика бурни реакции, пофалби, обвинувања и негирања од тројцата кандидати за тоа кој со кого снимал, дали некој намерно или ненамерно бил изоставен и кој кого канел.
Лавината реакции уследија откако Силјановска сподели видео на својот Фејсбук профил за кое вели дека ѝ е многу драго.
– Јас и мојот противкандидат Блерим во интервју за „Другата страна на политиката“.
Нивната идеја беше да го пронајдат човекот во нас, претседателските кандидати, а не политичарот – напиша Силјановска.
Пендаровски на својот Твитер профил напиша дека не е точно дека добил покана за интервју на „Другата страна на политиката“.
– Не е точно дека сум добил покана за вакво снимање. Но, разбирам ако Силјановска сакала да си сними сама видео со Река. Она што е сепак загрижувачко е бегање од дебатата на Телма за која нема уште објаснување – напиша Пендаровски.
Не е точно дека сум добил покана за вакво снимање 🙂 Но разбирам ако Силјановска сакала да си сними сама видео со Река. Она што е сепак загрижувачко е бегање од дебатата на Телма за која нема уште објаснување. https://t.co/A8KobJd9n0
— Stevo Pendarovski (@SPendarovski) April 17, 2019
Но ова го демантираат од „Другата страна на политиката“ кои се оградија од сите политички контексти и поврзување со политички субјекти.
– Како одговор на одредени обвинувања на наша сметка, во прилог ги приложуваме поканите за интервју упатени до сите претседателски кандидати. На крајот истакнуваме дека и покрај сѐ, ние сме отворени за соработка, а поканата за креативна средба со професорот Стево Пендаровски сѐ уште е отворена – велат од „Другата страна на политиката“.
Во мешаницата кој со кого снимал и кој кого поканил на интервју, генералниот секретар на Алијансата за Албанците Арбен Таравари се огласи на Фејсбук дека видеото не е производство на штабот на кандидатот Блерим Река, ниту пак е нарачано за нивниот штаб.
– Автор на ова видео е „Другата страна на политиката“, која ја реализира идејата за трите профили на тројцата претседателски кандидати. На барањето одговори нашиот кандидат. Ова предизвика недоразбирање затоа што луѓето мислат дека двајцата кандидати снимија заедничко видео, а тоа не е вистина. Ја негираме секоја инсинуација против нашиот претседателски кандидат кој наводно има заедничко видео со противкандидатот Гордана Силјановска – напиша Таравари.