Кој е автор на пучот од 27 април!?
Македонија би можела да распише меѓународна награда од 5 милиони евра за секој што ќе го открие името на злотворот или ќе ѝ помогне на истрагата да дојде до ѕверот. Размислував да се јавам на тој натпревар. Пет милиони евра не се мала пара. Би можел да купам „Масерати кватропорте гранд туризмо“, звучници Меџико 3 и Наим, комбинација од засилувачи, предзасилувачи, стримери, плеери и додатоци на моќта и чистината. Плус, базен во Орешани, пат околу светот за три години и мал сплав што по Вардар ќе отплови во Средоземното Море со „Тричко у пламену“. Како Индиец низ Ганг: огнено патување во еден правец, таква разделба сакам. Први на ум ми дојдоа производителите на минералната вода „Визијана“. Владо им носи вода на преморените уставобранители, како да се тие на Косово, а тој девојка, тие се освежуваат и освојуваат нови коти на собраниските скали… Има ли подобра реклама за една вода!?
Автори на пучот како рекламен спот можеле да бидат и производителите на вратите „Проспера“. Крсто е пуштен да ја отвори собраниската врата пред хистеризираната толпа за да се покаже што се случува во објектите што немаат паметни врати, а имаат отворачи каков што е другарот Муковски. Конечно, се сетив дека целата пучистичка операција можела да биде сет од спотот за осигурителната компанија „Еуроинс“. Мора да се каже дека тука мошне уверливо се покажаа сите предности на осигурителната полиса: Секој што на снимките ќе ги види Села, Заев и Шерлок Суше Спасовски, веднаш ќе појде да се осигури од поплави, кражби и од државни удари! Многу тежок случај. Аферата со Мевосекот на лондонските проститутки е пичкин дим во однос на аферата со Вмросекот на македонската држава! Но, имам да предложам и еден друг пристап.
Одговорност за непостапување
Груевски, Иванов, Чавков и Трајко Вељановски се одговорни за крвавиот пуч од 27 април по линијата што ја утврдува нивната функција, моќта и мотивацијата во тоа време. И кадравокурната екстензија на вмронскиот џумкурбашкан (Басара), демек, другарот Емил. Во сите фази на пучот: инспирација, организација и изведба. Одговорни се и поради тоа што веднаш по смирувањето на ситуацијата, не презеле ништо во рамките на овластувањата и моќта со која располагале, за да се откријат себеси како главни фактори во крвавата драма, плус тврдокорните будали што ги беа ангажирале како вршители на работите. За покренување кривично гонење по овие основи не се потребни никакви други докази, доволен е упадот во Собранието, тој сам по себе е крунски доказ, неговиот драматичен и крвав развој и системот што владееше во тој хаос и постапувањата на горенаведените лица по настанот.
Против оваа постапка може да стои само отсуството на правна и политичка волја на државата односно на власта. Можеме да имаме разбирање кон некои мотиви што ја тераат на такво поведение, демек, мир, добронамерност, инклузивност во решавањето на некои важни реформски и геополитички прашања, но оправдувања нема. Обратно, тоа ја бутка власта во зоната на одговорноста за непостапување во согласност со своите уставни и законски обврски, а земјата кон границите на опстојот.
Според тоа, сите петмина досега требаше да имаат неколкумесечен стаж во притвор. Сојузниците не го чекале исходот од судењето во Нирнберг за да ги уапсат нацистичките главешини, обратно, ги уапсиле врз основа на резоните за кои пишувам погоре, а доказите за конкретната одговорност ги изведувале во судската постапка.
Истото се однесува и на идеолошко-партиската и материјална база на пучот, односно на ВМРО-ДПМНЕ: кои се причините што уште не е побарана забрана на оваа злосторничка организација. И зошто упорно се третира како политичка опозиција. Еве и Христијан бил со народот, тој крвав ден. Па, добро, зошто тој мисли дека друштвото на „народот“ го амнестира од злото и од одговорноста. Каков народ, кој народ, кој кур е тоа чудо?! Организацијата е виновна, а во неа може да има невини поединци. Канческа е одговорна како оперативен носител на работите за Скопје 2014, но авторот на жолтата маркичка што македонската крава ја носи на увото како знак дека е луда, се Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Маркичката е доволен доказ за три доживотни казни затвор и бркање од политичката и јавна сцена и на инсталацијата и на нејзиниот тогашен шеф, а и на тогашниот генерален секретар и денешно ништо које хода и чита од идиоти.
Сакам да кажам, една работа се доказите за конкретните поврзаности на поединци со злото, а друга работа е утврдување на одговорноста врз основа на објективната поврзаност на поединци со неподносливо големото и евидентно зло. Според системот по кој одговараа некои офицери пред Трибуналот во Хаг.
Слободни радикали
Скопје е криминал и доказ за криминалот, за нестварното зло кое му е нанесено на градот и на граѓаните, само по себе доволно за казна по линија на тоа што одговорните го работеле или не го работеле. Исто како и кај пучот.
Се разбира дека е добро да се документира и докаже оперативната врска кој кому со каква порака или наредба се јавил или не се јавил зошто го сторил тоа, какви мотиви и интереси имал и така натаму. Но, таа операција е неизводлива ако општеството одбере да се прави на тошо или дури да биде солидарно со најголемото зло кои му е нанесено. Сеедно дали тоа го прави затоа што знае дека и самото е дел од злото или затоа што во филмовите секогаш навивавме за бандитите или затоа што со симпатиите кон злото освојуваме некакви покритија за нашето незадоволство со политиките на актуелната власт.
Но, некои придвижувања има. Кољо се предал, ќе се предаде и Нинџа и телефонистот од Виена, Груевски е повеќе во суд отколку дома, но сè е тоа ужасно бавно, толку бавно што понекогаш се добива впечаток дека тоа е тој цинизам со кој правосудниот систем, кој е систем за одбрана на криминалците според принципот колку поголем криминалец толку поголеми гаранции за слобода, и политичката елита на која од џебот и се истресуваат годишни судски буџети како од мојот ситните десетки, се подебава со наивните желби на општеството за правда и мир!
И покрај сè, јас сум оптимист! Особено ако Заев реши да ја прифати пораката од овој мој статус и врз основа на тоа да направи сериозен пресврт во својот пристап: Останавме без гравитационен центар, во идејна, вредносна и организациска смисла и сега лутаме како слободни радикали по социјалните мрежи и по телевизиските септички јами. Во културата која не може да функционира без авторитет во вид на господ, партија, лидер, или минимум морал, сега сме како муви на кои некој им ги скинал крилцата, на мачки со ошишани мустаќи или на термити без кралица и крал, господ го убивме ние, партиите не убија нас, на моралот му се покакавме, а лидерите сфатија дека нема смисла да ни се посветат нам, па си се посветија на себе.
„Слободен печат“